Македонците во Романија го прославуваат 8 Декември – Денот на Македонскиот јазик во Романија. Благодарение на Ионел Станцу , пратеник од Македонската заедница во Романскиот Парламент, се исполни визијата на културната манифестација “Мисиркови денови” во Романија.
Вреди да се спомене, голема заслуга за оваа придобивка и афирмација на Македонскиот јазик во романското општество имаше и покојната Лијана Думитреску која беше прв пратеник од Македонската заедница во Романскиот парламент. Пратеничката Лијана Думитреску беше прогласена за македонски сенатор со одлука на Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес во 2000 година.
Македонците во Романија, мотивирани се со верба во знаењата на Блаже Конески, но и од духовната упорност и од трпението на Свети Климент, како и од визионерството на Крсте Петков Мисирков и на целата редица македонски дејци и просветители кои го одбранија заслуженото место на македонскиот јазик како посебност во светската ризница на јазиците.
8 декември како “Ден на Македонскиот јазик во Романија“ е определен со Декрет на Претседателот на Романија, Клаус Вернер Иоханис, број 625 од 26 јули 2018 година за прогласување на Законот за основање на Денот на македонскиот јазик, во согласност со членот 77 став 1 и членот 100 став 1 од Уставот на Романија.