Македонците во Србија и понатаму барат отварање на катедра за Македонски јазик во Белград

Повод за овој мој допис и кометар, со следниот напис, дека македонците во Србија и понатаму бараат и ќе бараат отварање на Катедра за македонски јазик и Лекторат во Белград, се до остварувањето на таа цел, се добрите вести дека повторно ќе се отвори лекторат по македонски јазик на факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, Република Албанија. Избрана е и новата лекторка.

Што да се каже? Честитки за сите, посебно за упорноста на македонските активисти од Албанија, на чело со Никола Ѓурѓај и разбирањето на надлежните институции од Македонија.

Но да се запрашамее што е со нашето барање. Ако се има разбирање за Лекторат во Тирана, зошто нема разбирање и за овде во Србија, каде веќе 30 години нема Катедра за македонски јазик и Лекторат, ниту каков било високообразовен центар на кој ќе се изучува и афирмира македонистиката. И ние сме упорни и постојано бараме, но сеуште не успеваме.

За отварање на Лекторат, има разбирање овде во Србија од овдешните структури.

Заинтересираност и барања има од повеќе наши здруженија, од друштвото на писателите. За отворање на македонски лекторат е заинтересирана и Србија, која не ја проблематизира оваа тема, напротив, постои заинтересираност кај високообразовните институции, барање од друштвата на писатели, издавачите, преведувачите, институциите на културата и образованието и студентите за отворање на македонски лекторат и изучување на македонскиот јазик и култура.

Не треба посебно да објаснуваме колку овие барања се битни за нас, Македонците во Србија, за поколенијата кои треба да го знаат и да го почитуваат својот јазик, посебно денес кога велиме дека меѓусебните врски помеѓу Македонија и Србија се на такво ниво да нема ама баш никакви за овие наши барања.

Јасни ни се и обврските па и финансиите за оваа активност од надлежните институции, од Ректорат на УКИМ, кои се „минимални“ за она што се добива и значи, не само за нас во Србија, туку и за нашата татковина.

Ако можам да ги изнесам слободно своите забелешки, зошто е се овака како е и зошто сеуште не се излегува побргу во пресрет на нашите барања, тоа е заради немањето на политичка воља од страна на надлежните во нашата матица земја, во РС Македонија, за овие и другите наши барања.

Ова не се однесува само за сегашната власт, туку и за претходните, од пред 30 години наваму. Не се работи само за ова барање за Катедра и Лекторат. Нажалост така е со сите наши останати барања.

Ќе набројам само некои од нив.

  • Кога ќе имаме Катедра и Лекторат и во Србија?
  • Што е со отварањето на Културен центар во Србија? Што се чека, калкулира.
  • Поврзано со сето ова, зошто сеуште немаме Амбасадор на Македонија во Србија. Колку време помина од заминувањето на последниот амбасадор, почитуваната Вера Јовановска Типко.
  • Што е со одредувањето и отварањето на почесни конзули и конзулати во Србија. Јас сеуште не дознав кој е тој почесен конзул во Златиборски округ, кој е одреден пред повеќе од 2,5 години?
  • Од своите барања кои сум ги изнесувал на поранешните конференции на дијаспората, се сеќавам на барањата за донесување на Закон за дијаспората, за Стратегија, за Македонска црквена општина во Србија…
  • Што е со нашите барања за укинувањето на Зелената карата за осигурување на возилата, која што нажалост постои само уште со Македонија
  • Што е со нашите барања за регулирање на електоронско ажурирање по службена должност на потврдите за живот помеѓу надлежните филијали на ПИОМ во Македонија и другите земји, посебно од Балканот, како што е регулирано со ПИОМ помеѓу Србија, Хрватска, Словенија…
  • Што е со постојаната работа на подвижните екипи на МВР за добивање на пасоши за сите кои ги исполнуваат условите и кои ќе поднесат барања.

Почитувани, надлежни институции и поедници од наша матица Македонија, кои ги читате и анализирате овие наши дописи и предлози, не заради претстојните избори, но побргу решавајте ги овие наши барања.

Почитувани Македонци во Србија, Среќен празник, 11.ти Декември, Ден на Националниот совет на МНЗ во Србија. Да сме живи и здрави, да продолжиме и понатаму да се бориме за остварување и реализирање на овие наши барања

Да сте живи и здрави

Advertisement