
На 1 декември на парламентарните избори во Романија, Македонците во Романија уште еднаш ќе имаат можност да добијат свој претставник во Парламентот на Романија кој ќе се грижи за правата и положбата на Македонците, организирани во “Асоцијација на Македонците во Романија“.
Благодарение на претходните мандати на пратеникот Јонел Станку, друштвото кое е проширено со ограноци во неколку градови во Романија се одликува со бројни проекти и секојдневни настани претежно посветени на чување и негување на македонскиот јазик, обичаи и традиции.
Секоја година друштвото организира камп по македонски јазик, литература и историја во Македонија и во Романија за стотици членови со вклучени екскурзии, а 8-ми Декември со Закон е прогласен за ден на македонскиот јазик во Романија. Јонел Станици беше член на парламентарната група на Парламентот на Романија за соработка со Собранието на Република Македонија.
Јонел е исклучително почитуван од страна на Македонците како и од страна на неговите романски колеги, а врската со Македонија во континуитет ја остварува преку постојано присуство на бројни настани од национално значење како Галичка свадба, Златно славејче, конференции во организација на државни институции и друго.
Со 18-годишно искуство во Здружението на Македонците во Романија, имав привилегија да ги застапувам интересите на нашата заедница во Романскиот парламент во два мандата. Работевме со страст и посветеност да донесеме промени преку јасни и конкретни законски иницијативи. Во мандатот 2012-2016 година иницирав 14 законски предлози, од кои некои се усвоени како закони, придонесувајќи за поправедно и поинклузивно национално законодавство. Во мандатот 2020-2024 година иницирав 65 законски предлози, од кои 28 станаа закони. Секоја иницијатива ја одразува мојата посветеност за развој, стабилност и реформи на заедницата. Верувам дека образованието, пензиите и социјалната сигурност се столбот на здравото општество и мојата посветеност во овие области е силна. Заедно, имаме обврска да ја изградиме Романија во која секој граѓанин ќе има шанса да живее достоинствен и просперитетен живот, – изјави кандидатот за пратеник во Романскиот парламент, Јонел Станку.
Според Уставот и законите на Романија, етничките заедници во Романија имаат гарантирани етнички места во Парламентот. Македонската заедница во Парламентот на Романија е претставена со еден пратеник. Своевремено пратеник во Парламентот на Романија од Македонската заедница беше сега покојна Лиана Думитреску, a во последните два мандати 2012-2016 и 2020-2024 година пратеник во Парламентот на Романија од Македонската заедница е Јонел Станку.
Македонската заедница своевремено со судска пресуда на Врховниот суд на Романија го доби спорот со Влашката заедница од Македонија во Романија дека, Македонците од Македонија не се Власи од Македонија, Власите од Македонија Романија ги смета за нераскинлив дел од Романскиот народ и врз основа на тоа не може да го користат етнонимот Македонци од Македонија во Романија. Етнонимот Македонци им припаѓа само на Македонците од Македонија и поради тоа ТИЕ имаат право на пратеник од етничките квоти во Парламентот на Романија!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden