
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ги повика граѓаните да му дадат уште поголема поддршка во вториот круг на изборите.
Да се фатиме за работа уште од првиот ден и Скопје да почне конечно да функционира – изјави Ѓорѓиевски.
Денеска тој одржа координативна средба со новото советничко мнозинство во Градот, предводено од Даме Димитровски. На средбата беа разгледани првите чекори по преземањето на функцијата, како и најитните прашања кои ќе бидат фокус на активностите до крајот на годината.
Првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, капитални инвестиции, подобра инфраструктура, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои се во сериозен колапс. На Скопје му е потребна стабилност и систематско решение на наталожените проблеми, а не експерименти – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој истакна дека вратата за соработка со сите советници останува отворена, бидејќи вистинскиот напредок се постигнува со обединета енергија и посветеност. – Мнозинството ќе биде водено од принципи, работа и одговорност. Секој советник ќе има свое место и улога во напредокот на градот. Верувам дека со заеднички ангажман, визија и труд, ќе го направиме Скопје повторно достоинствен град – додаде тој.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на граѓаните за довербата која, како што рече, е поттик и обврска за уште посилна и поодговорна работа.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden