Македонија: Средба на МНР Никола Димитров со Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров денес оствари средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, во рамки на неговата посета на Македонија.

Главен фокус на средбата беше ставен на конкретната поддршка која Унгарија ја упатува на Македонија во контекст на борбата со справување со пандемијата COVID-19, како и севкупниот европски одговор при справување со овој тежок глобален предизвик и ублажување на последиците. Истовремено беа разгледани и европските перспективи на Македонија особено по позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на пристапни преговори.

МНР Димитров: „Единствено преку солидарност, координирани напори, соработка и размена на добри практики и знаење, ќе излеземе од овој тунел. Ја цениме денешната конкретна помош од Унгарија за справување со пандемијата, која е вистинска демонстрација на европска солидарност. Благодарни сме и за конзистентната поддршка на нашиот ЕУ и НАТО пат. Голема беше честа што неодамна ја имав да ја претставувам Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на Aтлантскиот Совет во формат на Министри за надворешни работи, заедно како сојузници со останатите земји членки меѓу кои и Унгарија“.

Од страна на гостинот беше поздравено зачленувањето на Македонија и позитивната одлука за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Двајцата министри се договорија меѓусебно да соработуваат во напорите за репатријација на унгарските и македонските државјани затекнати во странство.

Advertisement