Македонија: Во Прилеп одбележан 2 Август- Денот на Републиката

Со полагање на цвеќиња на спомен обележјата на Методоја Андонов Ченто ,на Пере Тошев, Ѓорче Петров, на Кузман Јосифовски Питу, на Могилата на непобедените, денеска во Прилеп беше одбележан 2 Август, Илинден, Денот на Републиката.

Бројни делегации, градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, со длабока почит им оддадоа признание на македонските херои кои со својата храброст, пожртвуваност и љубов кон татковината ги вградија своите животи во темелите на македонската држава.

Илинден е симбол на непокорот, слободата и стремежот на македонскиот народ кон сопствена држава. Од славното Илинденско востание, преку одлуките на АСНОМ, до денешна Македонија, испишана е историја на генерации кои не се поколебале пред предизвиците, туку достоинствено се бореле за националниот идеал.

Денеска одбележувајќи 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, се поклонуваме пред нивното дело и даваме завет дека ќе продолжиме да ги чуваме илинденските идеали, државноста, македонскиот јазик, културата, традицијата и историското наследство. Нашата обврска денес е со одговорност, чесност и посветеност да ја градиме Македонија како достоинствена, развиена и просперитетна држава, а нашиот Прилеп како град кој ќе биде пример за напредок, економски развој и подобар живот за сите граѓани – рече градоначалникот Дејан Проданоски.