Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во соработка со „Ротари клуб“ од Битола, и годинава донесе новогодишна радост и насмевки на лицата на најмладите жители во Општина Пустец.
Советникот во Советот на Општина Пустец од редовите на МАЕИ, Јордан Јанкула, денеска им подели новогодишни подароци на децата од градинките и на учениците од Деветолетката „Отпорот на Горичените“ во село Долна Горица. Ова училиште ги опфаќа учениците од четирите села: Горна Горица, Долна Горица, Глобочани и Туминец.
Како што истакна Јанкула, подароците за најмалите се обезбедени во рамки на успешната и континуирана соработка помеѓу МАЕИ и „Ротари клуб“ од Битола, со заедничка цел, поддршка на децата и создавање подобри услови за нивен развој и радосно детство.
„Најголемата награда за нас се насмевките на децата. Нивната искрена радост ни е потврда дека ваквите хуманитарни активности имаат вистинска вредност и значење“, изјави Јордан Јанкула.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
