
Бара повлекување на одлуката за мигрантски центри во Пустец Македонската заедница од Мала Преспа во Канада упати официјално писмо до Владата на Република Албанија, во кое изразува длабока загриженост поради одлуката за отворање на три прифатни центри за мигранти на територијата на Општина Пустец и бара нејзино итно повлекување.
Во писмото се наведува дека по 1991 година во Канада се населиле неколку стотини Македонци со потекло од Општина Пустец, кои и покрај оддалеченоста останале силно поврзани со родниот крај. Тие континуирано ја поддржуваат локалната македонска заедница преку помош за семејствата, како и преку поддршка на културни, социјални и развојни активности.
Од заедницата потенцираат дека во последните години дел од иселениците сериозно размислуваат за враќање и инвестирање во Општина Пустец, особено во туристичкиот сектор, гледајќи ја Преспа како регион со значаен потенцијал за одржлив туризам и локален економски развој. Токму поради тоа, одлуката за отворање на прифатни центри за мигранти ја оценуваат како штетна и загрижувачка.
Според нив, ваквиот чекор може да има сериозни и долгорочни последици, како нарушување на компактноста на македонското население, зголемување на чувството на несигурност и поттикнување на нов бран иселување. Дополнително, се наведува дека одлуката целосно ја загрозува перспективата за туристички и економски развој на регионот.
Македонската заедница од Мала Преспа во Канада изразува и целосна поддршка за иницијативата на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која одлуката на албанската влада ја обжали пред надлежниот суд во Тирана, со цел заштита на правата и интересите на македонската заедница во Општина Пустец.
Во завршниот дел од писмото, заедницата апелира до Владата на Република Албанија да се откаже од планот за отворање на мигрантски центри во Пустец и наместо тоа да се фокусира на инвестиции во развојот на општината, подобрување на инфраструктурата, поддршка на туризмот и создавање услови за враќање и инвестирање на иселениците.
„Само преку дијалог, почитување на правата на националните малцинства и одржлив развој може да се обезбеди стабилна и европска иднина за регионот Преспа“, се наведува во писмото потпишано од Македонската заедница од Мала Преспа – Канада.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden