Самобор и Загреб и натаму се едни од најзначајните центри на македонистиката
Го имаме Рацин, кој е всушност канон, значи дека постоиме како култура, како јазик, како нација! Почетокот на официјализирањето на македонскиот јазик на Првото заседание на АСНОМ и градењето на нацијата не се без корен, иако нашите соседи и од југот и од истокот, упорно се обидуваат да се убедат себеси, Европа и светот, дека македонската нација е накарадно „посадена“ во една новоформирана бившојугословенска република од страна на југословенскиот „диктатор“, Јосип Броз Тито. Првата книга на македонски јазик во слободна Македонија напишана од Ацо Шопов, не е само резултат на борбата, туку и самата, тогаш, сѐ уште е и борба – борба со збор, но и со културолошки и општествен чекор што го распламтува македонското постоење како факт, но и како конкретно остварен, легален и легитимен чин, наспроти претходното третирање на употребата на македонскиот јазик за илегалност. Со книгата објавена во 1944 година, Шопов и ја остварува литературнојазичната заложба на Крсте Мисирков на дело.
Ова се дел од пораките што беа упатени на манифестацијата „Македонскиот јазик е наш идентитет“ што се одржа во преполната сала на Градската библиотека во Самобор, со финансиска поддршка на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска. Во централниот дел на манифестацијата одржаа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Голем број Македонци, студенти и ученици што го изучуваат македонскиот јазик, книжевници, музичари и други важни чинители на хрватската општествена стварност, со оваа манифестација чествуваа неколку значани јубилеи: 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Рацин и тоа токму во Самобор, 80 години од одлуката на АСНОМ македонскиот јазик да е официјален во македонската држава и 80 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – Шоповата „Песни“. Носител на проектот беше македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб, под координација на македонистката што живее и работи во Хрватска, Ивана Брезовец, којашто напоменува:
Манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ за првпат се одржува оваа година. Нашиот јазик и книжевност имаат свои значајни личности и датуми кои заслужуваат достојно да бидат одбележани и надвор од границите на нашата земја. Мојата желба беше Самобор и Рацин да нѐ обединат и да бидат мостот кој нѐ поврзува. На исто место на македонски јазик да зборуваат најзначајните проучувачи кои посветено работат во промовирањето и проучување на делото на нашите основоположници, на нашите инспиративни поети, писатели, критичари, научни работници.
„Силно светнал ден“ беше насловено предавањето на истакнатиот рацинолог, Весна Мојсова-Чепишевска, во коешто за првпат, на таков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на книгата „Бели мугри“ од Рацин, со осврнување и кон досегашните научни согледби. Во исто време, таа се осврна и на книжевната генеза на „Бели мугри“, но и воопшто на релациите на Рацин со Хрватска.
Ако се согледа во целост Рациновиот творечки опус, нè запрепастува фактот дека тој воглавно е објавен токму во Хрватска. Некои од тие трудови, како расказот „Во каменоломот“ кој победува на литературниот конкурс на загрепското списание „Литература“ во 1932., или песната „До еден работник“ како прва авторска песна објавена на македонски јазик во XX век, конкретно во април 1936 година, во загрепското списание „Книжевник“ и особено поетската збирка „Бели мугри“ и визионарскиот манифест за раѓањето на новата македонска книжевност под наслов „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ повторно објавен во Загреб, во 1940 година, сите тие се од исклучителна важност за развојот на македонската книжевност и тоа од повеќе аспекти – литературно-историски, уметнички, јазички и теориски, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Во дел од предавањето, таа и напомена:
Кочо Рацин е канон. Со неговата збирка „Бели мугри“ се удираат темелите на современата македонска поезија. Рацин со помош на креативната корекција која е манифестирана преку напуштањето на поетиката на експресионизмот и ослободувањето од српскохрватскиот, односно српскиот јазик се издигнува во канон. Потврда за Рацин како канон во македонската современа книжевност претставува и влијанието што тој ќе го изврши врз хрватскиот поет Јуре Каштелан кој во 1948 година, во Хрватска ја објавува книгата „Македонски народни песни“ што претставува прв повоен препев на македонската народна поезија на хрватски јазик и воопшто на некој друг јазик.
Лингвистиката Елка Јачева-Улчар одржа предавање под наслов „Претходниците и историјатот на македонскиот правопис – од одлуката за неговото донесување на 2.8.1944 до денес“ во коешто се осврна на повеќе важи прашања од историјата на македонскиот јазик и за актуелните состојби.
Покрај, пишувањето на македонски и за македонскиот јазик од нашите преродбеници и учебникари во 19 век, како Константин Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Македонски и др., македонскиот јазик, речиси, истовремено со излегувањето на Пулевската „Славјанско-маќедонска општа историја“ (1892) ја добива својата научна потврда за своето постоење. Станува збор за првата одбранета докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес „Тарту“) во Естонија. Докторандот е еден балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг, кој исто како и Крсте Мисирков бил ученик и пријател на Иван Александрович Бодуен де Куртене, којшто бил и поддржувач на тезата за засебноста на македонскиот јазик: македонските говори кои ги истражувал во 1877 г. ги изделил како посебна словенска гранка, нагласи Јачева-Улчар.
Во однос на некои прашања од понов датум, таа го издвои и заговарањето од една група писатели, во раните 90-ти години, непосредно пред осамостојувањето на Македонија, за внесување на буква за бележење на темниот вокал со употреба на нацртот од старослвенската кирилица за т.н. јор или голем ер за бележење на полувокалот од заден ред.
До тогаш заговараната реформа, за среќа, не дојде. И тогаш како и денес сметам дека тоа што фатило корен во нашата писмена традиција не треба да се менува. Поинаку, може да се предизвика уште поголема неписменост при веќе постоен голем процент на неписменост, дотолку повеќе што внесување на нова графема во азбуката на еден јазик значи голема правописна реформа која не можат да си ја дозволат многу поголеми и побогати држави од нашата… …Конечно, во македонистиката имаме толку многу празнини кои чекаат на нас да ги пополниме, така што реформа во азбуката што ќе повлече и реформа во правописот е последната работа со која треба да се занимаваат македонските лингвисти.
За првата поетска книга во слободна Македонија, говореше Иван Антоновски, којшто важи за познавач на творештвото на Ацо Шопов, при што овојпат, поезијата на македонскиот класик беше ставена и во дијалог со творештвото, идеологијата и визијата на Рацин.
Некој можеби и ќе рече дека ако „Песни“ не се случела во таа, 1944., имајќи ги предвид натамошните творечки остварувања на Шопов, сигурно би била пообемна и поетички покомплексна. Но, очигледно, таа се случува тогаш и како резултат на свесноста дека е нужна, неопходна и за самиот развиток на македонскиот литературен јазик. За да биде и книжевен браник од тогашните и натамошните напади и нелингвистички негирања упатени кон него, за кои несомнено, Шопов бил повеќе од свесен, и затоа, неколку години подоцна, во 1950 година, Шопов отворено ќе порача: „Инфорбировците од Бугарија можат да го одречуваат македонскиот јазик колку што сакаат. Нивно е да се нервираат и псуат. А ние сигурно одиме по правиот пат во развитокот на нашиот литературен јазик“. Се чини, истово важи и денес, за наследниците на инфорбировците, по не малку минати децении од тој непрекинат развиток, кога Шоповата „Песни“ е една од неговите почетни точки – книга во која официјално се остварува нашиот народен јазик слободно, и пред да се случи процесот на кодификација, нагласи меѓу другото, Антоновски.
Инаку, на овој дел од манифестацијата, пред присутните, со поддршка за настанот се обратија и Маја А. Балабурски, ополномоштен министер во македонската амбасада во Хрватска, Миран Шиоќ, претседател на Градскиот совет на Самобор, директорката на Градската библиотека, Мирјана Димњаковиќ и претседателката на „Охридски бисер“, Виолета Штерјова.
Во проектот ги вклучивме и училиштата од Република Хрватска во коишто се изучуваат македонскиот јазик и култура. Воспоставивме соработка со Детските Рацинови средби во Велес, распишавме поетски конкурс за учениците во Хрватска со тема „Рацин во моите очи“. Ученичките Јана Димовски, Ева Русевски и Александра Мерпушкоски како наградени учесници ќе ги посетат градот Велес и родната куќа на Кочо Рацин, како и манифестацијата „Детски Рацинови средби“. Дел од проектот беше и јазичната работилница „Учиме македонски јазик“ која се одржа во Градската библиотека во Самобор, во детското одделение. Учесници беа ученици од четврто одделение во ОУ „Богомил Тонија“, напомена Ивана Брезовец.
Во рамките на централниот настан на манифестацијата, покрај предавањата на истакнатите истражувачи, со учество на најмладите се рецитираше и поезија, на македонски и во препев на хрватски јазик. Свои стихови читаа учениците Петар и Павел Богатинови, а стихови на Рацин и Шопов, средношколките Ева Матишиќ, Исидора Спиркоска и Александра Мерпушкоски. Програмата ја збогатија музичките ансамбли „Езерки“ и „Моми бисерни“, при што македонската народна песна одекна во Самобор.
Во текот на манифестацијата, со учесниците од Македонија беа одржани работни средби во македонската Амбасада и во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Македонското културно друштво ,,Охридски бисер” подари триесет книги од издаваштвото на Заедницата на Македонците во Република Хрватска на Градската библиотека во Самобор.
Ова за нас е прва манифестација од ваков вид и се надевам дека ќе прерасне во традиција, а дека Самобор и Загреб ќе продолжат да будат едни од најзначајните центри на македонистиката, истакнува Брезовец.