Во големото финале на Европското првенство – Дивизија Б што се одржа во Скопје, македонската јуниорска кошаркарска репрезентација ја совлада Австрија (98:88), за перфектен учинок од осум победи од осум натпревари и прво место на шампионатот.
Избраниците на селекторот Горан Андреевски претходно ја остварија главната цел со победата над Бугарија во полуфиналето и влезот во елитната А дивизија. А сега нашите јуниори станаа и златни станувајќи европски шампион запишувајќи триумф над Австријците во СЦ „Борис Трајковски“.
Во првите четири минути од финалето, се стекнавме со почетно, солидно водство од 13:5, креирано со седумте поени кои дојдоа од капитенот Јаничиќ. Доволно за селекторот на Австрија во таа рана фаза од играта да го „потроши“ првиот тајм-аут. Мошне ефикасна се покажа таа воведна четвртина во која, евидентно, двете репрезентации беа расположени за поентирање. Реализиравме одлични 32 поени, но тие не беа доволни за позитива од три поени.
Одличен беше почетокот на нашиот јуниорски тим и во вториот приод. По поентирањето на Трајанов, се вративме во предност, дури и највисока во тој дел од играта, од девет поени (39:30). А во нецели 13 минути, Јаничиќ веќе беше на ефект од 21 поен (8/12 во реализацијата на обидите од поле).
Токму Трајанов ја донесе и нашата нова најголема предност, од 11 поени (44:33), момент од 14 минута. Само за момент се заканија Австријците, кога намалија на едноцифрени 37:44, но имавме брз одговор, сега преку Луканоски, и „неизбежниот“ Трајанов, кој постави (50:37), на семафорот кога се играше 17 минута.
По неговиот седми поен во тој период, Македонија имаше 55:42. Таа разлика беше и по поентирањето на Лукановски. А по паузата од 15 минути, Австрија испрати нова закана, и тоа преку серија од 10:3, со која се доближи на негатива од само шест поени (54:60), сето тоа за нешто повеќе од три минути игра.
Но, Македонија го имаше бековскиот двоец Јаничиќ-Младеновски, кој успеа да го запре налетот на противникот. И не само тоа, да ја врати нашата двоцифрена предност (74:58), во неполни четири минути од тајм-аутот на селекторот Андреевски. По три одиграни четвртини: Македонија-Австрија (78:64).
Со новата серија во која на противникот му испорачавме нови 10 поени (примивме двојно помалку, нашите јуниори се одвоија и на највисокото „растојание“, поведоа со 88:69).
На крајот, статистички поглед на финалето, вели дека Јаничиќ е стрелец на 30 поени, дополнети со пет скока и четири асистенции. Стојковиќ имаше одлично второ полувреме во кое запре на 15 поени, четири скокови и три асистенции. Младеновски го заврши финалето со 14 поени, три асистенции и два скокови, Марјановиќ имаше 12 поени, четири асистенции и три скокови, а Луканоски беше на чекор до нов двоен ефект – 10 поени и седум скокови во овој последен меч на ЕП во Скопје.