Македонските одбојкари 4-0 против Албанија 

Македонските одбојкари ја совладаа Албанија во пријателски натпревар во Скопје, во циклусот погдотовки за завршницата од квалификациите за Европското првенство во 2019. Во салата на СРЦ „Форца“, двете репрезентации одиграа четири сета во мечот од затворен карактер во којшто двата селектора тестираа повеќе договорени варијанти. Првиот и припадна на Македонија со 25:23, во вториот црвено-жолтите беа убедливи со 25:17, како што заврши и последниот, додека, пак, во третиот сет уште еднаш се играше на разлика за 26:24.

Селекторот Никола Матијашевиќ во првите два сета се реши да ги користи играчите од стандардниот состав, а потоа на примачка дијагонала шанса доби Александар Милков кој остави добар впечаток. Повратникот во дресот со државниот грб Ѓоко Јосифов исто така влезе на теренот, но со оглед на паузата поради повреда, имаше ограничена улога.

Вториот контролен натпревар против Албанците е утре во салата „Кале“ во Скопје, а за разлика од денешниот, љубителите на одбојката ќе можат да го проследат во живо и да им дадат поддршка на нашите репрезентативци пред завршните две средби од квалификациите за континенталниот собир наредниот септември. Македонија има две победи и е со реални шанси првпат да игра на европско првенство. На 5-ти-јануари ќе и гостуваме на Украина, а на 9-ти ќе и бидеме домаќини на Унгарија.

Advertisement