Македонско друштво „Илинден“: УКИМ да не ги премолчува фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана

 

Избирањето лектор со кој ќе почне да работи Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана е важно и за нас, Македонците во Албанија. Затоа и ние, македонското друштво „Илинден“ од Тирана, во е-изданието на нашиот весник ја споделивме веста што УКИМ ја објави преку „Фејсбук“, но мораме да реагираме затоа што УКИМ преку таа објава, заедно со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и неговата нова директорка ги премолчуваат фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана, вклучително и нашата посветеност и придонес. УКИМ и Семинарот, во своите објави ги изостават битката и заложбите што доведоа до тоа повторно да се отвори Лекторатот, и премолчуваат кој, она за што мислевме дека би биле потребни децении или години, успеа да го постигне само за неколку месеци – Семинарот со посветеноста на претходната директорка, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и на тогашниот тим на Семинарот, со безрезрвна поддршка од тогашниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Повторното отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана, претставува историски чин, и тоа ние, Македонско друштво „Илинден“ од Тирана го кажавме многу пред да го каже УКИМ предводен од новата ректорка, проф. д-р Биљана Ангелова или пред да го каже новата директорка на Семинарот, проф. д-р Кристина Николовска. Но, тие не треба и не смее да ја премолчуваат историјата за сето она што доведе до отворањето на Лекторатот. Затоа, реагираме со потсетување за јавноста, но и на УКИМ, за фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана што сега се премолчуваат.

Иницијативата за Лекторатот беше покрената во 2022 година, и веднаш, тогашната директорка на Семинарот, Мојсова-Чепишевска ги алармира сите институции за иницијативата да се оствари. Во декември 2022 година, претседателот на Македонско друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај имаше состанок со неа, кога беше доставено и официјалното барање за Лекторатот.

Кога го доставивме официјално барање, не ни помислувавме дека нашата најголема желба на Универзитетот во Тирана да се слушне македонскиот збор, толку брзо ќе се оствари. Мислевме оти за тоа ќе бидат потребни барем неколку години и дека остварувањето на иницијативата е неизвесно. Но, наместо нашето барање да заглави во фиоките на архивите, уште од првиот ден, Семинарот, односно тогашниот негов тим започна активности што беа потребни за остварување на иницијативата. Од осамостојувањето на нашата македонска држава, досега, ние, Македонците од Албанија, не паметиме друг пример кога македонските институции со толкава посветеност и брзина, одговориле на наше барање или иницијатива. И тоа со конкретен резултат кој не е важен само за нас, туку е важен и за македонската држава. Со тоа, тогаш мислевме дека ни се врати вербата дека има институции што знаат да работат и вистински да се залагаат.

Од доставувањето на барањето, постојано бевме во комуникација со Семинарот, со тогашната директорка, и добро знаеме како Семинарот се залагаше и за дипломатски заложби за Лекторатот. Поради тоа, во мај оваа година, во Тирана имаше состанок меѓу тогашната директорка на Семинарот, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски. Уште тогаш беше јасно дека заложбите даваат резултат и дека Лекторатот ќе се отвори, затоа што во дискусиите се согледало дека прифаќањето на иницијативата е со взаемна подготвеност за повторно почнување настава по македонски јазик и за афирмација на македонистиката во Тирана.

Уште пред тој состанок во мај, веќе биле направени сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот. Поради тоа, и сега изразуваме благодарност и до тогашниот ректор на УКИМ што ги поддржа заложбите што ги имавме заедно со Семинарот, со тогашната директорка и тимот на институцијата.

Во јуни 2023, и ние, Македонско друштво „Илинден“, по комуникација со Семинарот, и до Факултетот за странски јазици во Тирана доставивме барање за отворање на Лекторатот и за продолжување на активностите.

  

Семинарот, во тоа време го изоде патот што нè доведе до одобрувањето од Факултетот за странски јазици во Тирана за повторно отворање на Лекторат по македонски јазик издадено во јули 2023, а кое ние го добивме во август 2023. И тогаш веќе се знаеше дека историскиот чин се случи – дека Лекторатот ќе почне со работа во текот на оваа академска година и дека УКИМ ќе треба да избере лектор.

Убедени сме дека тој пат не беше ниту лесен, ниту без препреки и притосици, а не беше краток, но упорноста и решеноста да се оствари оваа иницијатива го даде потребниот резултат. Желбата и решеноста да се отвори овој Лекторат не беше само наша, туку тогаш и на Семинарот, со тогашните директор и тим, поради определбата да има лекторати секаде каде што има интерес за македонскиот јазик, литература и култура.

На 15 септември 2023, по стапувањето на функцијата, ние, Македонско друштво „Илинден“ испративме писмо до новата ректорка на УКИМ, со кое упативме честитка до неа и ја информиравме за нашата соработка со УКИМ и Семинарот во врска со Лекторотот. И тогаш, ѝ напишавме дека не памтиме друга македонска институција со толкава посветеност и брзина да се заложила за наше барање или иницијатива и тоа со конкретен резултат. И упритоа патуваме благодарност до целиот Универзитет, а посебно до Семинарот. Во тоа писмо упативме благодарност и до дотогашниот ректор и посебно до директорката на Семинарот, која секојдневно се залагаше за овој Лекторат и ни ја влеа вербата дека може да се успее, што и се потврди. Ја искажавме нашата желба и подготвеност соработката да продолжи.

Од ректорката добивме одговор во кој нè извести дека УКИМ веќе имал добиено и согласност за вработување на лектор по македонски јазик во Тирана и дека до крајот на оваа година ќе треба да бидат завршени сите адимистративни работи околу објавувањето на Конкурсот и изборот на новиот лектор по македонски јазик во Тирана. Значи, во периодот потоа се завршиле само административни работи, а сето суштинско за отворањето на Лекторатот го заврши друг тим, со заеднички заложби со нас – факти што сега се премолчуваат.

Од тој момент, комуникација со ректорката, УКИМ и Семинарот немаме. На нашето барање за состанок, ректоката, проф. д-р Биљана Ангелова не нè удостои ни со одговор. Од интернет дознавме дека Семинарот има нов директор. И се разочаравме, затоа што за нас не беше сфатливо како и зошто по толку постигнати успеси за македонскиот јазик, литература и култура и посебно по успехот што се постигна со Лекторатот во Тирана, директор веќе не е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Вратената верба во институциите поради претходните заложби и постигнатите резултати на Семинарот, кај нас веќе ја снема. Особено откако забележавме дека Семинарот веќе нема активности и дека ништо конкретно не се прави за македонистиката во светот, туку се случува само објавување фотографии од новата директорка на страницата на „Фејсбук“. И денес се прашуваме што воопшто ќе се сработи од многуте планови и цели што требаше да се реализираат, иако претходно, во одговорот на нашето писмо, ректорката ни кажа дека УКИМ максимално ќе ја продолжи заложбата за успешна реализација на сите зацртани планови. Тие планови, ние, Македонците во Албанија, веќе не ги гледаме, откако таа не ни одговори на барањето за состанок. И новата директорка на Семинарот, ниту еднаш не ни се обрати, и ја прекина соработката со нас.

За тоа дека е избран лектор за Лекторатот во Тирана, и ние што ја доставивме иницијативата дознаваме од објавите на страниците на УКИМ и ма Семинарот на „Фејсбук“, во кои нема ниту еден факт, а се објавуваат фотографии од личности што воопшто немат директен придонес за Лекторатот.

Претходно бевме подготвени и колку можеме финансиски, и со сите наши сили да придонесеме овој Лекторат да се популаризира, да има што повеќе студенти, затоа што интерес има. Но, тоа не можеме да го направиме откако УКИМ и Семинарот немаат соработка со нас и нè екскомуницираат.

Посебно страшно е што се премолчува фактот дека за лектор е избрана личност што нема студирано македонски јазик и литература и не е македонист. Од интернет дознаваме дека д-р Славица Свидерска има дипломирано, магистрирано и докторирано Општа и компаративна книжевност, а не македонистика. Во ниту една нејзина биографија нема дека држела настава по македонски јазик. Сега нашите надежи се помали и затоа што не знаеме дали некој што не е македонист и што нема искуство со настава по македонски јазик, воопшто ќе може да ја работи работата од која зависи функционирањето на Лекторатот. А знаеме колку е строг Факултетот во Тирана и ако наставата не биде успешна и не се развива интересот, Лекторатот пак би можел да биде затворен и сите заложби и нашата иницијатива да бидат залудни, а тоа не смее да се дозволи и не е во корист и на нашата матична македонска држава.

Како универзитет број 1, УКИМ не смее да ги премолчува фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана и за улогата што ја одигра Македонско друштво „Илинден“ од Тирана со својата иницијатива и со своите активности.

Во продолжение – досегашни објави на Македонско друштво „Илинден“ во врска со Лекторатот:

6 декември 2022: https://vesnik-ilinden.com/makedonsko-drushtvo-ilinden-tirana-dostavi-oficzijalno-barane-do-ukim-i-msmjlk-za-povtorno-otvorane-na-lektoratot-po-makedonski-jazik-vo-tirana/

24 декември 2022: https://vesnik-ilinden.com/direktorkata-na-msmjlk-pri-ukim-vesna-mojsova-chepishevska-na-utrinskata-programa-na-sitel-tv-za-iniczijativata-na-makedonsko-drushtvo-ilinden-tirana-za-povtorno-otvorane-na-lektoratot-po-makedonski-j/

20 мај 2023: https://vesnik-ilinden.com/iniczijativata-na-makedonskoto-drushtvo-ilinden-tirana-dobiva-novi-chekori-za-povtorno-da-se-otvori-lektorat-po-makedonski-jazik-vo-tirana/

26 мај 2023: https://vesnik-ilinden.com/nova-makedonija-reportazha-za-iniczijativata-na-makedonskoto-drushtvo-ilinden-tirana-za-povtorno-otvorane-na-lektoratot-po-makedonski-jazik-na-fakultetot-za-stranski-jaziczi-vo-tirana/

16 јуни 2023: https://vesnik-ilinden.com/makedonskoto-drushtvo-ilinden-tirana-dostavi-barane-do-fakultetot-za-stranski-jaziczi-vo-tirana-za-reaktivirane-na-lektoratot-po-makedonski-jazik/

27 август 2023: https://vesnik-ilinden.com/gurgaj-odobreno-reaktivirane-na-lektoratot-po-makedonski-jazik-na-univerzitetot-vo-tirana/

28 август 2023: https://vesnik-ilinden.com/odobreno-e-povtorno-otvorane-lektorat-po-makedonski-jazik-vo-tirana/

Објави на УКИМ и Семинарот за македонски јазик, литература и култура на „Фејсбук“ од 30 ноември и 1 декември 2023:

https://www.facebook.com/permalink.php?story_fbid=pfbid0uwpFx9XoToazRrKTYfap55jV4aaNzg8iZ7JMmA99NkypDHmGzLxGr2gMzeDUhxgAl&id=100084173706501

https://www.facebook.com/msmjlk/posts/pfbid0krYqCuK18mpvAwaUYiXNw1ess2p19EAndrivzTnLTDdXqSKJwf8xGLEzrz2vrdFjl

 

Advertisement