Македонско меѓународно движење за човекови права го повикува Министерот за надворешни работи на Канда да ги одбрани основните човекови права на Македонците

 

Лидерот на една нова македонска политичка партија ми праќаше пораки на сред ноќ пред некое време, за да ми пренесе информации за операцијата на двете нозе на нејзината портпаролка за скршениците кои ги здобила од страна на специјалната полиција таа вечер. Нејзиното злосторство? Тоа што присуствувала на мирен протест против промената на македонското име и идентитет. Специјалната полиција ја повикал „Премиерот“ поставен од САД, Зоран Заев, кој прави се’ за брутално да го задуши секое противење.

Овие брутални тактики предводени од САД се поддржани од нашата канадска влада. И покрај моите повици кон неа и нејзините политички советници да ги одбранат основните човекови права и самоопределување, канадската Министерка за надворешни работи, Кристиа Фриленд, избра да му честита на Заев за обидите за насилно менување на името на Македонија со цел да му се удоволи на најголемиот потчинител на Македонија, Грција.

Новото име би било „Северна Македонија“, а Македонците насекаде, не само во Република Македонија, би се нарекувале „Северно-Македонци“, кои зборуваат „Северно-Македонски“. Договорот со кој би се сменило името на Македонија, а кој е поддржан од Западот, дури предвидува нова дефиниција на тоа што е „македонски“, како и промена на историјата и препишување на учебниците. Терминот „македонски“ веќе не би им припаѓал на Македонците. Замислете ова да им се случи на Ерменците, Украинците или на други етнички групи.

Кристиа, дали знаете кого и што поддржувате?

Ќе објаснам. Заев лажирал избори со поддршка на САД, затворал Македонци кои се осмелиле да му се спротивстават (вклучително и шест опозициски пратеници – со што го олеснил нелегалното донесување на нови закони), го прекршил македонскиот устав и закони, прескокнал собраниски правила за да протурка антимакедонски политики, наредил отпуштање (од работни места во јавниот и приватниот сектор) на луѓе што ги сметал за противници, затварал медиуми кои се критички настроени кон него, блокирал пристап до социјални мрежи на медиуми кои не го поддржуваат, и наредувал владино заплашување и истраги против лица кои се против неговите политики – вклучително и оние кои контактираат со мене и организацијата која ја предводам – Македонското меѓународно движење за човекови права.

За Заев и неговите американски, канадски и поддржувачи од ЕУ, позицијата на мојата организација дека треба да се почитуваат меѓународното право, конвенциите за заштита на човековите права и пристојноста се пречка на патот кон остварувањето на нивната цел. Веројатно се прашувате што би можела да биде таа цел. Тоа е менувањето на името, идентитетот, народноста, јазикот и историјата на Македонија за да се постигне грчката цел – бришење на нашето постоење – само за Грција да се воздржи од користењето на своето право на вето за Македонија да стигне до членство во ЕУ и НАТО.

Ова ли е Канада што ја знаете?

Македонија беше поделена во 1913 помеѓу Србија (Југославија), Бугарија, Грција и, подоцна, Албанија, и сите тие земји веднаш почнаа со кампања за бришење на секоја трага од Македонија. Република Македонија ја прогласи својата независност во 1991 по падот на Југославија, но Македонците кои се наоѓаат надвор од нејзините граници се се’ уште на милост и немилост на нивните потчинители. Така што, овој „проблем со името“, за кој Грција признава дека е вештачки, ги засега Македонците низ цела Македонија и низ светот, а не само во Република Македонија. Ние сме сведоци на современ културен геноцид, на кој, несфатливо, му помага и Западот.

На Кристиа Фриленд и на нејзините политички советници им кажав дека мојата Канада не поддржува диктатори кои сакаат да уништат цели етнички групи. Кристиа, кажете им на сите Канаѓани кој е Вашиот одговор. Им дадов на опозициските партии шанса да застанат зад традиционалните канадски вредности, да ја разоткријат Либералната Партија затоа што очигледно и дрско ги прекршува, и да го одбранат правото на постоење на цела една етничка група, но без резултат.

Нивните изговори? Прво, нивното гледиште за културниот геноцид на Македонците е дека се работи за „дипломатски проблем меѓу соседи“. Паднале право во стапицата на Грција.

Второ, тврдат дека тоа што „лидерот“ на Македонија ја спроведува оваа политика значи дека истата е легитимна. Да беше така, никој немаше да ја осудува забраната за Муслимани на Доналд Трамп, неговата поддршка на Неонацистите, ниту пак неговите постојани расистички коментари. Да беше така, Канада никогаш немаше да помогне да се смени поранешниот украински председател Јанукович заради неговите проруски политики.

Сепак, битно е да се напомене дека Премиерот не е шеф на државата, туку тоа е Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, но Западот згодно го игнорира овој факт зашто Претседателот се противи на политиките на Заев. Кристиа, Ве прашав, да бевте со македонско, наместо со украинско етничко потекло, каква ќе беше канадската политика? Партии на опозицијата, зошто не се спротиставувате на антиканадските постапки на канадската Влада?

Јас бев Македонец долго пред да го донесат на власт антимакедонецот Заев. Македонци беа и моите предци кои се преселија во Канада за да избегнат прогон, никогаш не мислејќи дека и јас ќе бидам изложен на прогон по многу децении, од страна на земјата која тврди дека е глобален лидер во одбраната на човековите права. Како што им кажав на сите канадски политички партии – мојата Канада ги брани човековите права на сите етнички групи, а не само на оние кои се популарни./Бил Николов, претседател Македонско Меѓународно Движење за Човекови Права.

Advertisement