Македонското меѓународно движење за човекови права ги осудува постојаниот прогон и заканите против новинарите од Република Македонија. Критичарите на режимот на Зоран Заев, како што е Александар Митовски, уредник на интернет страницата Инфомакс, редовно се соочуваат со закани и кривичен прогон.
Митовски беше осуден на шест месеци затвор, условно преку две години, затоа што објави важни – и јавни – сведоштва за рекетарски скандал во кој е вмешан Зоран Заев. Македонската Асоцијација на Новинари (МАН) ја поздрави храброста која Митовски ја покажа кога ги објави доказите за Заев, и ја осуди пресудата против него:
„Тој објавен документ покажа и докажа дека Јавното обвинителство свесно крие учество во ‘Рекет’ на премиер и негови блиски соработници. Затоа не смееше да биде објавен, а откако се објави новинарот е осуден на шест месеци затвор како поука до другите новинари дека не смеаат никогаш да напишат ништо што е штетно за оваа власт, за овие обвинители и судии. Заканата е сосема јасна и директна. Од оваа закана на власта и обвинителството и судството кои, очигледно се во служба на една партија, на СДСМ“.
Здружението на Новинари на Македонија (ЗНМ) исто така ја осуди пресудата. Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски кажа дека: „Овој процес и ваквата пресуда не води кон подобрување на климата во општеството. Свесен за улогата и одговорноста на новинарите при вакви сензибилни теми, па дури и кога постојат индиции за прекршување на законите, сметам дека мора да се води сметка за поширокиот јавен интерес. Од друга страна останува нејасно зошто обвинителството не го пронајде кртот кој ги украл исказите од таму, па единствен виновник се бара во тој што ги објавил“.
Во изјава за ММДЧП, Александар Митовски посочи дека:
„Македонија е корумпирана држава под криминален режим кој ги цензурира медиумите што објавуваат сведоштва за недостатоците во системот и за вмешаноста на владини функционери во криминални активности. Не е случајно што јас сум единствениот новинар во Европа кој е осуден – осуден затоа што укажав на вмешаноста на Зоран Заев во рекетарски скандал во Македонија“.
Новинарската акредитација на Митовски исто така му беше одземена.
Македонците се изложени на брутално кршење на нивните основни човекови права, во периодот пред и по нелегалната промена на името на Република Македонија. Но меѓународната заедница молчи за сето ова, и покрај бруталноста на тактиките кои се применуваат, како што се претепувања, закани, фалсификат на референдум и избори, кршење на меѓународното право и македонските закони, на меѓународните конвенции за заштита на човековите права меѓу кои и конвенциите кои гарантираат слобода на здружување, самоопределување, слободно идентификување и слободата на медиумите. Оваа принудна промена на името на земјата беше извршена со соучесништво на многу земји членки на ЕУ и НАТО (повеќе детали се достапни во извештајот за неодамнешната средба на ММДЧП со Министерството за надворешни работи на Канада). – стои во сопштението на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада.