Македонците од Хрватска во посета на Леринското село Овчарани

Леринското село Овчарани, сместено во западното подножје на планината Ниџе во Егејска Македонија, со историја која датира уште од пред средниот век, и денес, во овој 21 век, останува лулка на етничките Македонци и македонштината која гордо се негува и чува со столетија. Во грчките мапи запишано како Мелити, ова село, денес брои околу 2.500 жители од кои над 90 проценти се Македонци кои одлично го говорат македонскиот јазик, бидејќи, како што самите тврдат – тој им е мајчинот јазик. Велат, дека дури и имињата на спомениците од починатите ги пишуваат на македонски, со македонски букви. Пред четериесетина години формирале и културно-уметничко друштво во кое со генерации се негува изворниот македонски фолклор, традициите и адетите, зачувани уште од пра, прабабите и прадедовците егејски Македонци.

„До 1985/86 беше забрането и да се зборува јазикот. Од ’86 почнавме ние како дечиња да си бараме, зашто татко ми, мајка ми и баба ми не знаеа грчки. Ние грчкиот јазик почнавме да го учиме во школо и го пренесовме дома. Ама, зошто да биде забранет јазикот, прашувавме?! И после кога дојдовме на 20-тина години почнавме да бараме – зошто ни го забрануваат?! Викаат – не е грчки јазик! Па, значи и јас не сум Грк тогаш !!! До ‘85 ни беше многу, многу, премногу тешко. Од 1985 барем, барем за јазикот не не’ казнуваат, не можат да не’ казнат, барем по закон…И така излеговме во 1986 јавно, и сега немаме никаков проблем барем за песна и за оро. За дуго имаме голема мака, оти Грците не не’ признаваат како Македонци“ – со видна возбуда, но и горд на своите македонски корени, ни ја отвори душата 70-годишниот Пандо Ашлаков, жител на Овчарани.

За Македонецот Пандо кого Грците го прекрстиле во Анастијазис Панајотис, потпишувањето на Преспеанскиот договор донел само срамно прекрстување на државата Македонија. Друго ништо, дециден е тој.

„За Грците кога ќе зборнеш за Македонците во Егејскиот дел, веднаш велат – не постоите, вие сте Грци со два јазици. Како може Грци да бидеме ние? Јас го пренесов грчкиот јазик дома, зборувам за Овачарани. Ние сме чисти Македонци тука“,  појаснува Ашлаков.

Овие егејски Македонци, викендов беа домаќини на своите сонародници кои со децении живеат, работат и делуваат во Хрватска. Македонските Хрвати на своите браќа од Егејска Македонија им донесоа богата културно-уметничка програма со македонски песни, ора, рецитали, која брзо прерасна во сеопшта веселба.

„Јас сум родум од Македонски Брод, Република Македонија и веќе 33 години сум во Пула, во Истарската Жупанија во Хрватска…Корените не смеат да се заборават во никој случај. Во Хрватска живееме многу убаво и ги имаме сите права, исто како и сите останати малцинства и мнозинскиот народ..Ние максимално се трудиме што повеќе децата, не само јазикот и културата, туку и се’ друго да ги научиме и да продолжат по нашите стапки“, – рече Милена Златеска, претседател на КУД „Св. Кирил и Методиј“ од Пула.

Културната средба на Македонците од Грција и Хрватска беше организирана од страна на македонската Граѓанска асоцијација „Не’ има“ со седиште во Прилеп.

Македонскиот дух живее во Овчари – Македонците и иселениците од Хрватска на заедничка прослава на традицијата