Македонците од Хрватска и градот Самобор ја одбележаа 80-годишнината од печатењето на збирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин

Македонците од Хрватска и градот Самобор ја одбележаа 80-годишнината од печатењето на збирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин. Во Музејот на Самобор за неговото дело зборуваа д-р Славчо Ковиловски и д-р Васил Тоциновски, по што беше отворена изложба посветена на Рацин.

Бројните гости положија цвеќе пред бистата на поетот, меѓу нив и в. д. амбасадорот на Република Македонија во Загреб, Назиф Џафери, а стихови на Рацин читаа членови на литературната секција на Друштвото на Македонците од Загреб, „Ленка“.

Стихозбирката „Бели мугри“, прва на македонски јазик, е отпечатена на 25 ноември 1939 во Самобор, илегално, во печатницата на Јосип Шпилер, во 4.000 примероци. Во неа се најдоа песните „Ленка“, „Денови“, „Тутуноберачите“, „Печал“, „Копачите“ и уште седум други.