Македонците во Албанија го одбележаа патронот на манастирот „Света Марена“ во Туминец (ФОТО)

Вчера и денес во Туминец се одржа традиционалната манастирска слава посветена на светата великомаченичка Марена (Марина).Повеќе од илјада верници од областа Преспа, Албанија и Македонија и светот присуствуваа на вчерашниот заеднички молитвен и празничен собир во чест на светицата-заштитничка на манастирот.
Свеченостите започнаа со вечерна богослужба на 29 јули, по што следеше богата културно-уметничка програма со македонски народни песни и ора. Службата беше крунисана со заедничка празнична вечера во чест на манастирската слава, подготвена од овогодишните кумови Спиро и Благица Михал, Деан Михал со семејството и Марио Вурмо со семејството.Денес, програмата продолжи со утрена Света литургија, по што се изврши осветување на вода. Прославата продолжи со македонски народни песни и  ора, а на пладне традиционално се “отпеа лебот на кумот“ и беше избран новиот кум за следната манастирска слава.
Македонците ја продолжија духовната традиција на манастирската слава на Света Марена како потврда на својот милениумски идентитет.