
Фото: Васил Стерјовски
Македонците во Република Албанија го прославија Стара нова година и Св.Василиј – Василица, со кој се означува почетокот на Новата година, според јулијанскиот календар. По традиција празникот се одбележа во духот на македонските обичаи и традиција.
Во секое македонско семејство ширум Албанија, во областа Голо Брдо, Мала Преспа, Врбник, Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Подградец домаќинките подготуваат пита или како што ја нарекуваат мазник со паричка.
Синоќа во црквата се одржа вечерна богослужба а денеска Света Божествена Литургија, која ја одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири, по што беше кршена василичарската погача. Најсреќен беше Кире Танас од селото Зрновско, кој посака многу здравје, среќа и благосостојба. -Честит и вековит да ни е празникот. Среќата ми се насмевна мене и за тоа многу сум радосен. Посакувам најпрво здравје, среќа и насекаде нека владее мир, посака Танас.
Се верува дека на оној кому ќе му се падне, во текот на годината ќе му се случуваат убави нешта, вели Никола Ѓурѓај претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана.
Во исто време од име на друштвото, упати честитка по повод Православна Нова година, до сите Македонците во Албанија, во татковината и дијаспората, со желби за здравје, среќа и благосостојба.
По традиција и овој пат со Македонците беше Васил Стерјовски, претседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ. Во свое и име на партијата тој посака Стара Нова година да донесе здравје, среќа и благосостојба во домовите на сите Македонци каде и да се. -Нека ни биде и година на единство, успеси и напредок за сите нас, Македонците во Албанија, и да продолжиме заедно да го чуваме и афирмираме нашиот македонски идентитет, рече тој откако запали свеќа за здравје.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden