Македонците во Србија на традиционален помен за загинатите Македонци мобилизирани во Српската војска за време на Првата Светска 

Македонското здружение “Кочо Рацин” од Белград во соработка со Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац, денес организира традиционално чествување за Македонците од Вториот Вардарски Баталјон мобилизирани во Српската војска за време на Првата Светска Војна 1914-1918 година, загинати на 6 октомври 1915 година во битка со Германците кај Костолачка коса.

Чествувањето беде во дворот на црквата “Свети Ѓорѓи“ во селото Стари Костолац, до Пожаревац, пред спомен-плочата на загинатите Македонци од Вардарскиот дел на Македонија. Свежо цвеќе на спомен-плочата положија претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Велград Лидија Демниева и претседателот на Македонската заедница во Србија, Гојко Илиевски. Пригодни обраќања за помен на душите на починатите одржаа Лидија Демниева, Александар Пенев и Гојко Илиевски. Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ ова чествување го одбележува веќе дваесет години од 1999 година.

Станува збор за мобилизирани Македонци од окупираниот дел на Македонија под Србија во Првата Светска Војна, од Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка и Кратово, кои учествувале во четири важни битки на почетокот на Првата Светска Војна што Српската војска ги водела со Австро-Унгарската и Германската армија. Во првата голема битка на октомври 27 октомври 1914 година, околу 850 војници Македонци го одбраниле Смедерево од Аавстро-Унгарската армија, која имала околу илјада загинати и две илјади заробени војници. Потоа, следувала повеќедневна битка кај Гроцка на 24 ноември 1914 година, каде што се бранел Белград. Борбата кај Гроцка трае неколку дена, со многу жртви од двете страни, ама на крајот победа извојува Вардарскиот баталјон. Во двете битки загинале 473 војници Македонци. Најтешката и најкрвавата битка овој баталјон ја водел кај Стари Костолац на 6 октомври 1915 година против единиците на германската војска предводена од фердмаршалот Август фон Мекензи, во којашто херојски загинале 627 Македонци војници. По овие битки од Вардарскиот баталјон останале околу двеста борци кои ја штителе Српската војска при нејзиното повлекување кон Косово и Албанија. Кога стасале во Пеќ, живи биле само шеесетина војници Македонци, кои со Српската војска се повлекле преку албанските планини. На крајот, во Скадар стигнале само петмина војници Македонци. Од околу 1.300 војници Македонци во овој баталјон, колку што биле мобилизирани од Македонија, загинале речиси сите 1.295 Македонци.

Настаните од 1915 година трајно се врежани во меморијата на жителите на Костолац. И во селото Света Петка, место каде еден период престојувале македонските војници, постои уште еден споменик подигнат во нивна чест, а по патот на Македонците од Вардарскиот дел на Македонија, од селото Петка кон Смедерево тргнува и марш “По трагите на Вардарците“ како помен и спомен за загинатите Македонци во Србија, коешто граѓаните на Смедерево преку своето Здружение на потомците на војниците 1912-1918 година, со Здружението на Македонците “Македонија“ од Поажревац секоја година го организираат.

Денот на погибијата на македонските војници од година во година се одбележува се’ помасовно, за што најголема заслуга имаат членовите на Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац и претседателот на Македонската заедница во Србија Гојко Илиевски, носител на највисокото светско семакедонско признание, почесната титула “Македонски сенатор“ што ја доделува Светскиот Македонски Конгрес.

Во прилог на одбележувањето на настанот, Гојко Илиевски, во 2014 година ја издаде книгата “Вардарци, почивајте во мир“, како сведоштво за историјата која на просторите во Смедерево, Гроцка и Костолачка Коса со своите животи ја испишаа мобилизираните Македонци од Вардарскиот дел на Македонија во Вториот Вардарски баталјон, за време на одбраната на Србија во Првата Светска Војна против Австро-Унгарската армија.

Градската општина Костолац, на барање на Гојко Илиевски, претседател на Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ на 28 јануари 2015 година донесе Одлука за изградба на Спомен обележје на загинатите Македонци во Првата Светска Војна 1914-1915 година, мобилизирани во Српската Војска против Австро-Унгарија и Германија. Идејното решение е изготвено и инцијаторот очекува спонзори за негова изградба.

На чествувањето во Костолац присуствуваше и делегација на Светскиот Македонски Конгрес. 26 Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 13 август 2016 година донесе посебна резолуција за поддршка на изградбата на Споменикот на загинатите Македонци мобилизирани во Српската Војска за време на Првата Светска Војна со апел до сите Македонци за донирање на изградбата на посебен споменик за херојската смрт на овие Македонци! Вечна им слава и памјат! После поменот, Македонците од Белград и Пожаревац ја посетија Тврдината во Голубац.

Advertisement