Манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ со бројни настани

По повод 118-годишнината од Илинденското востание, традиционалните научно-културни средби „10 Дена Крушевска Република“ од 1 до 10 август ќе понудат повеќе настани, информираат од крушевската локална самоуправа.

Манифестацијата, официјално ќе биде отворена на 1 август, во 20 часот на платото на Гумење во Крушево. Претходно, од 18 часот сите учесници ќе тргнат од пред црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, а потоа со полагање свежи цвеќиња пред бистата на Веле Марков, на партизанските гробишта во Крушево, пред вечното почивалиште на Тоше Проески и во криптата пред Македониумот на Гумење, ќе им биде оддадена почит на сите значајни дејци.

На платото на Гумење ќе биде подигнат бајракот на Крушевската Република, а на присутните ќе им се обрати претседателот на манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“, Томе Христоски.

На отворањето на Манифестацијата ќе настапи бендот Љубојна, а на полноќ е импровизираниот напад на градот, како симбол на почетокот на слободата на илинденско Крушево.

Во рамките на Манифестацијата, на 4 август е организирана Влашка вечер, а на 5 август ќе се одржи џез-концерт. Во текот на културно-научните средби „10 Дена Крушевска Република“ е и одржувањето на „Кога си во Крушево“ (When in Krusevo) со бројни гости и рекреативни настани.

Коњаниците кои ќе учествуваат на 43-тиот традиционален коњички марш оваа година по повод националниот празник Илинден ги прават последните подготовки покрај кејот на реката Вардар.

На маршот што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, ќе учествуваат 20 коњаници од различна возраст, меѓу кои и две девојчиња. Тие ќе тргнат кон Крушево во вторник, 27 јули, од паркот „Јане Сандански“ во 17:30 часот. Потоа со дефиле низ главните булевари во Аеродром ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе се одржи народен собир проследен со културно-уметничка програма со настап на музичките групи „Некст тајм“ и триото „Џентлмен“ и каде што поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан ќе им даде благослов за маршот.

Задоволство ми е што и оваа година го поддржуваме Илинденскиот марш организиран по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден. Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ, изјави градоначалникот Златко Марин.

Општина Аеродром финансиски го поддржува коњичкиот марш повеќе години и ќе продолжи и во иднина да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е една од најголемите и најзначајни културни манифестации во Аеродром.