Марија Пејчиновиќ Буриќ избрана за нов генерален секретар на Советот на Европа

 

Министерката за надворешни работи на Хрватска Марија Пејчиновиќ Буриќ е избрана за нов генерален секретар на Советот на Европа.

На одржаното гласање на пленарната седница на Парламентарната Асамблеја на Советот на Европа (ПАСЕ), шефицата на хрватската дипломатија Буриќ во првиот круг освои 159 гласови и оставајќи го зад себе белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рејндерс кој доби 105 гласа е избрана за нов генерален секретар на Советот на Европа. На тајното гласање учествуваа 264 пратеници од 47 земји членки на Советот на Европа.

Новоизбраната генерална секретарка на Советот на Европа должноста ќе ја преземе од сегашниот генерален секретар Торбјорн Јагланд на 18 септември 2019 година и официјално ќе почне да ја извршува оваа должност во текот на наредните 5 години. Норвежанецот Торбјорн Јагланд должноста генерален секретар на Советот на Европа ја извршува од 2009 година.