„Матица македонска“ објави избрани дела во десет книги од писателот Раде Силјан

Во рамките на јубилејот -триесет години од основањето, „Матица македонска“ објави избрани дела во десет книги од писателот Раде Силјан. Изданието го уредија Витомир Митевски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Весна Мојсова-Чепишевска и Златко Жоглев.

Во првите седум томови се застапени поетските книги на авторот, создадени во изминтите пет децении, а три томови се посветени на критичко-есеистичката дејност на Раде Силјан. Книгите се проследени со толкувања од Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Витомир Митевски, Луан Старова, Паскал Гилевски, Гоце Смилевски, Санде Стојчевски, Стефан Влахов-Мицов, Сретен Перовиќ, Думитру М. Јон, Елисавета Касабова, Ефтим Клетников, Миќа Цветиќ, Веле Смилевски, Мирољуб Стојановиќ и Христо Георгиевски.

Делата се илустрирани со цртежи од познатите македонски сликари Васко Ташковски и Павле Кузманови, а автор на дизајнот на кориците е Методија Николовски-Спартак.

Раде Силјан (Жван, 1950) е автор на осумнаесет стихозбирки, на единаесет дела од доменот на критиката и есеистиката и на петнаесет антологии од македонската драма, расказ, поезија и критика.  Приредил  триесетина повеќетомни избори од творештвото на врвни македонски писатели, на јубилејни изданија на знаменити дела од нашето книжевно минато, како што се „Зборникот на Миладиновци“, „За македонцките работи“ од Мисирков, „Бели мугри“ од Рацин на сите словенски јазици, монографии и студии за македонскиот фолклор, за македонската народна митологија, за средновековното македонско сликарство и  копаничарство, стотина преводи на светски класици и современи автори од сите меридијани.

Дваесет и шест негови книги се преведени на: англиски, албански, руски, турски, грчки, италијански, српски, унгарски, украински, полски, латински, романски, влашки, словенечки, и бошњачки јазик.

Добитник е на национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на книжевните награди „Браќа Миладиновци“ за најдобра книга на Струшките вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ и „Димитар Митрев“ на Душтвото на писателте на Македонија, како и на државните награди „11 Окромври“ и „Св. Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата.

Advertisement