Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот

Секоја година на 27 јануари, УНЕСКО му оддава почит на споменот на жртвите на Холокаустот и ја потврдува својата непоколеблива посветеност да се спротивстави на антисемитизмот, расизмот и другите форми на нетолеранција што може да доведе до насилство.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш деновиве го осуди повторното заживување на антисемитизмот и ги повика луѓето ширум светот одлучно да се спротивстават на омразата и нетолеранцијата насекаде во светот. Тој наведе дека неодамна бил вознемирен кога дознал дека само половина од возрасните ширум светот слушнале за Холокаустот, за време на кој беа убиени шест милиони Евреи, една третина од таа нација и милиони други луѓе за време на Втората светска војна.

Датумот ја означува годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау од страна на советските трупи на 27 јануари 1945 година. Официјално беше прогласен во ноември 2005 година како Меѓународен ден на комеморација во спомен на жртвите на Холокаустот од страна на Генералното собрание на Обединетите нации. Холокаустот длабоко ги погоди земјите во кои беа извршени нацистичките злосторства, со импликации и последици во многу други делови на светот.

Земјите-членки ја делат колективната одговорност за справување со преостанатата траума, одржување ефективни политики за сеќавање, грижа за историските места и промовирање на образованието, документацијата и истражувањето, повеќе од седум децении по геноцидот. Оваа одговорност подразбира едукација за причините, последиците и динамиката на ваквите злосторства за да се зајакне отпорноста на младите против идеологиите на омраза.

Обединетите нации порачуваат дека со оглед на тоа што злосторствата за геноцид продолжуваат да се случуваат низ неколку региони, и додека сме сведоци на глобален пораст на антисемитизмот и говорот на омраза, ова никогаш не било толку релевантно.

Advertisement