Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ распишуваа конкурс за наградата „Мостови на Струга“

Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) и УНЕСКО распишуваат конкурс заинтернационалната награда „Мостови на Струга“ за 2020 година за најдобра дебитантска книга од млад светски поет, објавена во 2019 година.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година како дел од интензивната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата 21 март, со цел да се поттикне, промовира и афирмира поетското творештво, како еден од најзначајните творечки духовни изрази на човештвото. Секоја година СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

Досегашните добитници на наградата се: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013, Хари Ман (Велика Британија) 2014, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015, Руна Светликова (Белгија) 2016 година, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017 година и Паули Тапио (Финска) 2018 година и Моника Херцег (Хрватска) 2019 година.

Конкурсот трае до 5 февруари 2020 година, до кога сите примероци од книгата треба да пристигнат на адресата на Струшки вечери на поезијата (СВП), односно пријавите да се испратат во електронска форма, според подолу наведените пропозиции.

Услови за учество на конкурсот за наградата:

– Дебитантски книги на млади поети (под 35 години), издадени во 2019 година;
– Кандидатите треба да испратат 3 копии од книгата со која конкурираат како и најмалку 5 песни преведени на англиски јазик на адресата на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Северна Македонија и bridges.struga@svp.org.mk,) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите-членки.