Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски на средба со членови на Конгресот на САД

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, вчера оствари одвоени средби со конгресмените Роберт Адерхолт, Клаудија Тени и Даниел Вебстер.

На средбите се разговараше за билатералните односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, сојузништвото во рамки на НАТО, модернизацијата на Армијата, како и за македонската перспектива во однос на состојбите во Западен Балкан и процесот на европска интеграција.

Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на парламентарната соработка, владеењето на правото, борбата против корупцијата и развојот на демократијата, како и на заедничките безбедносни и хибридни предизвици. Во тој контекст, беше нагласена и натамошната поддршка од Соединетите Американски Држави во реформските процеси на државата.