
Неговото Високопреосвештенство Јоан Пелуши е новиот поглавар на Автокефалната православна црква на Албанија, што беше соопштено со биење на камбаните на црквата „Воскресение Христово“ во Тирана, по заседавањето на Синодот.
Светиот синод го избра новиот архиепископ за Тирана, Драч и цела Албанија, кој ќе го наследи починатиот архиепископ Анастасиј. По објавувањето на името на новиот Архиепископ биеа камбаните во сите катедрали и цркви во Албанија. Архиепископ Јоан, пред да биде привремен вршител на оваа должност, беше митрополит на Корча. На 29 март ќе се одржи голема церемонија на устоличување, објавија медиумите.
Пелуши е роден на 2 јануари 1956 година во Тирана, се школувал и магистрирал на Теолошки ниверзитет во САД, бил професор на Теолошкиот факултет во Албанија, од 1996 до 1998 бил и декан на факултетот, во 1997 година станал архимандрит а година подоцна митрополит на Корчарската митрополија.
Во пероидот од 33 години по падот на комунизмот, на чело на албанската црква беше Анастас Јанулатос, кој почина на 25 јануари во болница во Атина.
Во Албанија од Грција пристигна во 1991 а година подоцна на 63-годишна возраст, за архиепископ го назначи вселенскиот патријарх, што значи дека Синодот на ААПЦ денеска за првпат избра поглавар.
Низ многу тешкотии, тој ја обновил ААПЦ, која, како и другите религии, била забранета од комунистичкиот режим во земјата.
Покрај оживувањето на повеќе од 400 парохии, во Драч е основана и Богословската академија „Воскресение Христово“ како и две црковни гимназии во кои се школувале над 150 свештеници.
По негов аманет почива во црквата „Воскресение Христово“ во Тирана.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden