
Ви ветивме победа и имаме победа! Триумф на народот, на верниот народ. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности.
Избра луѓе што веруваат во работа, а не во зборови. Но, оваа убедлива победа не е крајот.
Ова е само почеток на новата македонска енергија: мирна, одлучна и праведна. Во овие недели покажавме дека политиката може да има поинакво лице. Без навреди, без гнев, без омраза, со достоинство, со поглед право во очи, со дела наместо со празни ветувања. Граѓаните го препознаа тоа.
И вечерва со убедливо мнозинство ја потврдија својата доверба. Не заради нас, туку заради себе. Поради своите семејства. Поради својата иднина. Поради Македонија!
Секој човек што излезе и гласаше за продолжување на промените, гласаше за вистината дека може подобро.
Дека чесноста вреди. Дека трудот носи резултати. Тоа е нашата обврска. Довербата не е награда. Таа е задача што почнува утре наутро. Со секој нов ден. Со секоја улица, училиште, фабрика, болница што ќе ја направиме. Со секој нов човек кој верува дека овде има смисла да се живее и да се сонува.
Оваа победа ја градевме чекор по чекор. Не со ветувања, туку со работа. Не со спектакли, туку со упорност. И затоа таа победа не е само наша. Таа е на сите што веруваат дека државата мора да се движи напред. Дека општините мора да растат.
Дека иднината не треба да се чека, туку да се создава. Да бидеме искрени: патот не е лесен.
Но, Македонија има сила. Има и луѓе. Има и волја. И кога тие три нешта ќе се соединат – нема сила што може да ја сопре Татковината!
Затоа вечерва не славиме, туку ветуваме.
Ветуваме дека ќе работиме уште повеќе.
Дека секој глас ќе го претвориме во дело.
Секоја надеж во резултат.
Ветуваме дека оваа победа нема да ја мериме со бројки, туку со направени дела.
Затоа што вистинската победа ќе биде кога секој човек ќе каже: „Да, вредеше.“
Пријатели,
Пред нас се уште две недели.
Две недели на одлука.
Две недели во кои треба да ја заокружиме промената што ја започнавме.
Ова не е време за опуштање, туку за последниот напор.
Бидејќи секој глас што ќе остане дома е подарок за оние што ја уништуваа Македонија.
А секој глас што ќе излезе е чекор кон иднината што ја создаваме заедно.
Тезата дека имало нерегуларности не е издржана и плитка. Ги имавме најдемократските избори досега. А се друго е само алиби и површен обид да се оправда слабиот резултат на опозицијата.
Драги пријатели,
Во вториот круг нема место за калкулации. За поделби. За суети.
Нема „мали“ и „големи“ општини.
Нема „помалку важни“ градови.
Постојат само граѓаните кои сакаат достоинствен живот и чиста совест кога ќе го погледнат својот град, својата улица, своето семејство.
Ова е моментот кога треба да бидеме едно – како што бевме овие месеци, со срце и разум, и со љубов за Македонија!
Да ги повикаме сите. И оние што беа со нас. И оние што се двоумеа. И оние што мислат дека сите се исти: да ја видат разликата. Да ја видат чистата намера.
Вистинската работа.
Искрената грижа.
Да ги убедиме не со зборови, туку со примери. Со тоа како се однесуваме. Со тоа како ги почитуваме. Со тоа што не го делиме народот.
Да им покажеме дека ова не е борба за фотелја, туку за чест и за иднина.
Во следните две недели ќе одиме од човек до човек. Од куќа до куќа. Не за да убедуваме, туку за да потсетуваме. Оваа држава е наша. Никој нема право повторно да ја врати назад. Промената што ја донесовме мора да се потврди. За Македонија конечно да застане на нозе.
А кога ќе дојде денот, на вториот круг да излеземе сите масовно. Со истата сила како денес. Со истата вера како денес. Со истата љубов како денес.
Да ја потврдиме промената. Да ја заокружиме победата.
И да ја започнеме новата етапа на работа, ред и надеж.
Ви благодарам народе на Македонија, заедно испишуваме историја.
Да сте живи и здрави.
Бог да ја благослови Македонија!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden