ММДЧП му изразува поддршка на Ден Масин, горд Македонец во Канада

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) ги повикува сите Канаѓани со македонско потекло да го поддржат Ден Масин, горд Македонец во Канада, кој се кандидира во изборната единица Симко Норт во Онтарио.

Масин е кандидат за номинацијата на Конзервативната Партија, но ние во ММДЧП подвлекуваме дека му изразуваме поддршка како на поединец, во согласност со нашиот став дека било која партија која бара поддршка од Македонците мора првин јасно да застане во одбрана на македонското име и идентитет.

Масин неуморно работеше да издејствува поддршка за Македонија и Македонците и за Канада да го отфрли нелегалното, принудно преименување на Македонија. Како член на Парламентот, тој ќе биде силен, ефикасен глас во поддршка на Македонците во канадската политика.

„Мојата цел е да ги зацврстам односите меѓу Канада и Македонија, да го бранам нашето наследство и идентитет и да добијам поддршка од Канада за враќање на македонското име“, Ден Масин рече во изјава за ММДЧП.

Првиот чекор е Масин да стане кандидат на Конзервативната Партија во изборната единица Симко Норт. Македонците кои живеат таму треба да се зачленат во партијата и да ја поддржат кандидатурата на Масин. Повеќе информации може да добиете тука https://www.simcoenorthconservative.ca/join-us/ или од кандидатот на danmasin4cpc@gmail.com.

Семејството на Масин доаѓа од Прекопане и Вумбел во Егејска Македонија и добро им е позната македонската борба за опстанок. Презимето на семејството Масин беше принудно променето во Масинис од страна на грчките власти, но тие си го вратија името по преселбата во Канада (многу од постарите македонски родови завршуваат на „ин“).

Ние Македонците сме соочени со најсериозната борба за нашето име и идентитет во изминатите децении. Потребно ни е да имаме глас во западната политика кој ќе се заложи за поддршка на Македонија. Ден Масин се понуди да биде тој глас. ММДЧП ги повикува сите Македонци во Канада да му помогнат. Процесот на номинација е во тек и наскоро ќе се гласа за избор на кандидатот. Контактирајте го Ден и понудете му ја својата поддршка.

Advertisement