
Денеска во Елбасан се одржа церемонија и положување на моштите на Св. Јован Владимир во истоимениот манастир кој го носи името на светецот. Моштите досега се чуваа во Националниот историски музејски фонд во Тирана и по долгогодишно барање на Албанската православна автокефална црква денеска беа предадени на манастирот.
На церемонијата беше присутен премиерот Еди Рама и министерката за култура, Елва Маргарити и Неговото Преосвештенство Андони, митрополит на Елбасан, Шпат и Либражд.
„Дојдовме да завршиме процес на обврска кој заедно го започнавме многу одамна, и предавањето на моштите од Св. Јован Владимир, за кои откривме дека се наоѓаат во нашиот музејски фонд во Тирана. Тоа е симболичен гест, бидејќи отсекогаш сме биле горди на верскиот соживот и целата интеракција што ја има државата со заедницата, но и со почит кон култните светии и оваа соработка на релација држава-верски заедници ќе продолжи и понатаму“, – рече министерката Маргарити.
Светиот великомаченик Јован Владимир, кој бил зет на македонскиот цар Самоил за неговата ќерка Теодора Косара се здобил со силен култ во Западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како ја држи сопствената глава во рацете. Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик Јован Владимир. Тој бил владетел (кнез) на Дукља и во еден период како поддржувач на Византија влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила Самуиловата ќерка Теодора Косара по што тој бил оженет со неа и вратен понатаму да владее со Дукља, како вазал на Самоил.
Св. Јован Владимир бил убиен на 22. мај 1016 година во Преспа и погребан бил во манастирот пред кој загинал. Брзо се расчуло дека молитвите пред неговиот гроб можат да исцелуваат многу болести и тој култ бил толку распространет што набргу потоа бил признат за светец и маченик и прогласен за светец од Православната црква. Постојат многу легенди и култни приказни поврзани со неговото име. Неговите мошти денес се чуваат во манастирот на Св. Јован Владимир во Елбасан, во православната Соборна црква во Тирана, на Света Гора и во црквата Св. Никола Болнички во Охрид.
Албанската православна автокефална црква Св.Јован Владимир го празнува на 4. јуни секоја година и православните верници од Албанија, Македонија и целиот регион се собираат на прослава во манастирот каде го чествуваат името на светецот.


Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden