Наскоро ќе се формира Мешовита меѓувладина комисија помеѓу Србија и Македонија за малцинства

На пролет ќе се формира Мешовита меѓувладина комисија помеѓу Србија и Македонија за малцинствата. На иницијатива на нашата земја, по средбата на преставници на Македонската амбасада во Белград со министерката за човекови и малцински права и социјален дијалог, Гордана Чомиќ, решено е Србија и Македонија да отпочнат со процедурата за формирање Мешовита меѓувладина комисија помеѓу Србија и Македонија за заштита на малцинствата, јави дописникот на МИА од Белград. Од Македонската амбасада во Белград,  соопштија дека „формирањетото на Мешовитата меѓувладина комисија помеѓу Србија и Македонија  за заштита на малцинствата е во согласност со Спогодбата меѓу Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и за заштита на српското и црногорското национално малцинство во Македонија, склучена во Скопје на 6 јули 2004 година и во сила од 19 јули 2005 година.“

Чомиќ денеска за време на посетата на Националниот совет на Македонците во Србија, изјави дека Мешовитата меѓувладина комисија меѓу Србија и Македонија ќе се формира оваа пролет и таа ќе ги следи договорите меѓу двете земји во врска со реципроцитетот во почитувањето на правата на српската национална заедница во Македонија и македонската заедница во Србија. Претходно, на средбата на министерката Чомиќ со в.д. амбасадор на Македонија во Белград, Александар Поповски, таа потенцираше дека Србија ќе побара од националните совети на малцинствата да достават предлози или барања во делот на Пописот што ќе се одржи во октомври во Србија, а кој се однесува на малцинствата во земјава. Според пописот од 2002 година, во Македонија има над 35.000 Срби, при што најголем делс е концентрирани во Куманово, а  во Србија според пописот од 2011 година има 22.755 Македонци.

Advertisement