Во силно обезбедената воената база, оддалечена околу 25 километри јужно од Вашингтон, се наоѓа огромното седиште на една шпионска агенција за која малкумина знаат дека постои. Иако агенцијата е непозната, седиштето на НГА е трето по големина во околината на Вашингтон и е поголемо од седиштето на ЦИА и од Конгресот на САД. Изградбата беше завршена во 2011 година и чинеше 1,4 милијарда долари, а главната зграда зафаќа простор од четири фудбалски игралишта и зазема дополнителен простор колку два носача на авиони. Во 2016 година, агенцијата купи површина од околу 400.000 квадратни метри во Сент Луис за да изгради дополнителни објекти што чинат 1,75 милијарда долари. Во нив треба да се смести сѐ поголемиот број вработени во градот, кој сега изнесува околу 3.000 лица.
Ако главната цел на НСА е да анализира пораки, тогаш целта на НГА е да анализира фотографии. Нејзината примарна цел е да анализира фотографии и снимки од дронови од Блискиот Исток, како и од шпионските сателити што кружат околу светот. Бидејќи, генерално, камерите со ултрависока резолуција се насочени надвор од САД, според многу студии, агенцијата никогаш не била вмешана во домашни шпионски скандали, за разлика од нејзините попознати еквиваленти ЦИА и НСА.
Во март 2016 година, Пентагон ги објави резултатите од една истрага нарачана од Бирото на генералниот инспектор во Министерството за одбрана, во која се испитуваа воените шпионски дронови во САД. Извештајот, кој имаше назнака „само за официјална употреба“ и беше делумно редактиран, открива дека Пентагон користел невооружени дронови за надзор на американска територија во помалку од 20 случаи од 2006 до 2015 година. Извештајот не ја идентификува природата на мисиите, но во друг документ на Пентагон се наведени 11 домашни операции со дронови, кои главно вклучувале природни катастрофи, потрага и спасување, како и обуки на Националната гарда.
Во истрагата исто така се цитира еден правен извештај на воздухопловните сили, во кој се истакнува зголемената загриженост дека технологијата дизајнирана за шпионирање непријатели надвор од државата може да се употреби за шпионирање американски граѓани. Се наведува дека како што САД полека се откажуваат од војните, технолошките капацитети станаа подостапни за други служби, па, така, се зголемуваат апетитите за прибирање воздушни снимки во домашни услови.
Во извештајот се наведува дека сите мисии биле целосно извршени во рамките на законот, но исто така јасно се нагласува дека од 2015-та немало стандардизирани федерални статути за употребата на беспилотните летала обезбедени од страна на Министерството за одбрана, ако тие се побарани од домашни цивилни служби. Наместо тоа, политиката на Пентагон за управување со извидувачки дронови е секретарот за одбрана да ги одобри сите операции на домашна територија. Според ваквите прописи, дроновите „не смеат да надгледуваат американски граѓани“, освен ако тоа не е законски дозволено и одобрено од секретарот за одбрана. Според ваквата политика, употребата на вооружени дронови на територија на САД е дозволена само за воени обуки и за тестирање оружје.
Во 2016 година, без знаење на многу градски функционери, полицијата во Балтимор почнала да спроведува постојано воздушно надгледување со системи посебно развиени за воена употреба во Ирак. Мал број граѓани се свесни колку всушност се напредни овие воени дронови. Меѓу нив е и АРГУС-ИС, дронот што има камера со највисока резолуција во светот од 1,8 милијарда пиксели. Невидлив од земјата и со можност да лета на височина од 6,5 километри, дронот користи технологија позната како „упорен поглед“, што е исто како 100 дронови „предатор“ истовремено да надгледуваат град со средна големина.
Со капацитет да надгледува област од 25 до 40 квадратни километри, потребни се само такви дронови да надлетуваат над Менхетн и постојано да ја надгледуваат и следат секоја надворешна човечка активност дење и ноќе. Дроновите можат да ги зумираат камерите на минијатурни предмети и да зачувуваат до еден милион терабајти податоци на ден. Ваквиот капацитет им овозможува на аналитичарите да ги разгледуваат материјалите со денови, недели, па и со месеци. Во моментот се развива технологија што ќе им овозможи на дроновите со години да бидат во воздухот.
Министерството за домашна безбедност на САД и претходно се соочуваше со дилеми. Во 2007 година, за време на мандатот на Џорџ Буш, министерството отвори агенција со задача да шпионира на домашна територија со помош на сателити и ваквиот проект функционираше под општото име Биро за национални апликации. Но Конгресот загрижен за „Големиот брат на небото“ ги скрати средствата за агенцијата. Во 2009 година, администрацијата на Обама ја укина агенцијата.
Сепак, за разлика од следењето на домашните комуникации од страна на НСА, кое беше внимателно разгледано и подложено на легислатива создадена да ги заштити граѓанските слободи, шпионирањето на домашна територија со дронови го избегна вниманието на Конгресот и на јавноста. Администрацијата на Трамп може да го искористи ваквиот пропуст.
Со почнувањето на новата ера на „постојан надзор“, Трамп би можел да ги искористи воздушните шпионски капацитети во светот за да ги следи муслиманите или членовите на движењето против насилство врз Афроамериканците. Претседателот зборуваше за зголемување на надзорот врз џамиите, а токму воздушниот надзор ќе му овозможи да ги следи верниците. Дроновите можат да помогнат во масовното лоцирање нелегални доселеници, кои треба да се депортираат во нивните држави, а Трамп порача дека има намера да испрати федерални сили во Чикаго за да го спречи насилството. Дроновите можат да го надгледуваат градот секој ден.
Секако, сето ова ќе бара значително проширување на капацитетите на Националната агенција за геопросторно разузнавање за да може да ги анализира домашните снимки. Пред да се случи тоа, Трамп, исто како и Обама мора прво да открие дека таква агенција постои.