Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, Горан Илијевски не ги преставува Македонците во Србија

Националниот совет на македонското национално малцинство, како институција која што функционира и делува повеќе од 15 години во Република Србија, само неколку пати до сега беше приморан јавно да реагира на изнесување на невистини, а пред се незнаење, неинформираност и несериозност на одредени поединци, кои со своето делување се обидуваа да го нарушат неговиот и угледот на македонската заедница во Србија. Не случајно, секој пат во тек на предизборна кампања, кога одредени поединци, сакајќи поскапо да се продадат на политичкиот пазар, се легитимираат како претставници на македонската заедница во Србија и постојано повторуваат: ,,Ги имаме сите права како Македонци во Србија (некои дури ќе знаат и да набројат неколку), и Советот ги троши парите ненаменски.”

Иако имаме разбирање за неискуството и незнаењето кое во последно време јавно го проискажува Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија, кој што со партијата управува од Скопје каде што работи и живее, имаме потреба да појасниме некои работи, пред се на македонската јавност, на која најчесто и се обраќа.

Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, како и преостанатите 21 национален совет и Сојузот на еврејските општини континуирано и посветено работаат на остварувањето и унапредувањето на правата на заедниците чии се претставници, а се во рамките на Законот за Националните совети на националните малцинства, Законот за заштита на правата и слободите на малцинствата, како и низа други законски и подзаконски акти и акциони планови. Така да кога се вели дека Македонците ги имаат сите права како малцинство во Србија, треба да се каже и дека сите тие права се остварени само и исклучително преку Националниот совет. Иако има три политички партии во Србија со предзнак македонски, ниту една до сега нема проискажано друга суштинската цел, освен како да дојди до буџетот на Советот.

Не мора да бидете стручњак по право, доволно е еднаш да го прочитате Законот за Националните совети во кој пишува и дека за финансовото работење на Советот се врши ревизија, секоја година. Нема потреба тоа никој да го побарува од државата Србија, тоа веќе е редовен континуиран процес, во рамките на кој се контролира наменското трошење на буџетските средства. Никогаш до сега, ниту една ревизорска контрола нема утврдено ненаменско трошење на средствата во Македонскиот национален совет.
За што се трошат средствата во Советот, може да се види во документите и во извештајите за спроведените активности објавени и достапни на сите на сајтот на Советот.

Секое јавно изнесување на сомнежи за законитоста во работата на Националниот совет, што Илијевски не пропушта да го спомне во секој јавен настап без ниту еден аргумент, не е всушност обвинување на Советот, иако е тоа целта, туку на институциите кои што вршат надзор врз неговата работа – Министерството за државна управа и локална самоуправа и Владата на Република Србија.

Делувајќи во своите рамки, Националниот совет исто така мораше дa реагира и кога се во прашање активностите на Партијата на Македонците во Србија, која што заедно со Демократската партија на Македонците издаде соопштение во кое што еден припадник на македонската заедница во Србија и член на Националниот совет го прогласува за антимакедонец и персона нон грата во македонската заедница во Србија! И тоа само неколку дена по острото реагирање против предлогот во изборниот закон, Националните совети да даваат потврда дали малцинските партии кои се кандидираат на изборите навистина го претставуваат малцинството.

Лицемерието е човечка, лична особина, но вакво јавно кршење на човековите права Националниот совет најостро го осудува и пред надлежните институции согласно своите надлежности поднесе барање ваквиот неморален, а пред се противзаконски и противуставен чин да биде осуден и санкциониран.

Бавење со јавен политички живот подразбира подготвеност, сериозност и посветеност. Во спротивно, човекот ризикува да се прикаже во јавноста како аматер, непрофесионалец, или со еден збор шарлатан. Таков пример имавме, за жал, прилика да видиме и во дејствувањето на Демократската партија на Македонците во Србија, која што исто така се огласи со соопштение кон македонската јавност и македонските институции во кое што најавува блокада на македонската амбасада во Белград, доколку за амбасадор биде поставен човекот кој наводно му давал подршка на актуелниот претседател на Советот во изборниот процес за Националниот совет. Им промакнало само дека во време на отворањето на изборниот процес за Националните совети, човекот воопшто не ни бил на должност во амбасадата во Белград.

Постојаното бавење со нарушување на угледот на македонската заедница во Србија, на нејзините институции и поедници, кои со години успешно работаат на остварувањето на правата на своите припадници, само говори во прилог дека целта на поедниците како што е Горан Илијевски од Скопје или Демократската партија на Македонците е обид да си ја кренат цената на политичкиот пазар во предизборната кампања во Србија. Да не е така, барем еднаш би го искористиле медиумскиот простор да кажат нешто афирмативно за својата работа и своите активности.