Никола Ѓурѓај, Претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана гостина на емисијата „Стадион“ на Канал 77 (ВИДЕО)

Уцена на терен од страна на бугарската држава се случува во моментов меѓу македонското население во Албанија, додека се спроведува Пописот. Македонското население, кое изминатите години има земено бугарски пасоши од економски причини за работа во Европската унија, се соочува со закани дека ќе им бидат одземени пасошите, доколку на овој попис не се запишат како Бугари, вели во емисијата „Стадион“ на Канал 77,Никола Ѓурѓај, Претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана и уредник на македонски весник “Илинден“.

Ѓурѓај како аргументи наведува дека во изминатите 11 пописи спроведувани во Албанија, никој не се идентификувал како Бугарин, а населението во Преспа, Голо Брдо и Гора се идентификува како македонско малцинство.

-Историски факт е дека бугарско население нема во овој дел. Тоа го покажуваат и историските факти и документи, уште пред Албанија да стане држава. Уцените се големи дека ќе им се земе бугарскиот пасош, а се знае зошто се земаат овие пасоши, од економ причини. Самата бугарска држава тоа го знае. Бугарите го прават ова за да ја опколат Македонија со бугарско малцинство и да кажат дека во Македонија нема македонско население, вели Ѓурѓај.

Според последниот Попис во 2011 година, имало близу 6000 македонско население во Албанија и е второ малцинство по Грците. Ѓурѓај смета дека доколку Македонија и Албанија до сега влезеа во Европската унија, ниту еден Македонец ќе немаше потреба од бугарски пасош.

-Гола пропаганда е, бугарско население во Албанија не постои, изјави Ѓурѓај.

Според претседателот на Македонското друштво “Илинден“, бугарските пасоши се голем бизнис.

Овој бизнис со пасошите е  уште поголем од трговијата со наркотици. Се плаќа по 10.000 евра за пасош, а има и многу Албанци што имаат земено бугарски пасош, вели Ѓурѓај во „Стадион“.

 

Advertisement