
Собранието на Македонија го ратификуваше Договорот за воведување на системот „One Stop Shop“ со Албанија, со кој се предвидува поедноставување и забрзување на граничните процедури на заедничките гранични премини, меѓу кои е и преминот Требиште – Џепиште, во областа Голо Брдо.
Оваа одлука претставува значаен чекор за унапредување на поврзаноста меѓу двете соседни држави, но и можност за нови придобивки за жителите на областа Голо Брдо, особено за македонското население кое живее во овој дел на Албанија.
Со воведувањето на системот „One Stop Shop“, граничните и царинските контроли ќе се вршат на едно место, со што се очекува да се намали времето на чекање и да се олесни секојдневното движење на граѓаните.
За Македонците во Голо Брдо, полесното преминување на границата значи подобра поврзаност со Македонија, полесно одржување на семејните, роднинските и културните врски, како и поедноставен пристап до здравствени, образовни и други услуги.
Дополнително, подобрата гранична поврзаност може да придонесе за развој на локалната економија, малото стопанство, трговијата и туризмот, како и за поголема соработка меѓу населените места од двете страни на границата.
Особено значајно е што граничниот премин Требиште – Џепиште претставува важна комуникациска врска за жителите на Голо Брдо со соседните општини и со Македонија.
Според информациите презентирани од албанското Министерство за внатрешни работи, за преминот Требиште е предвидено користење за транспортни возила, но без комерцијален транспорт на стоки. Договорот предвидува и заедничко функционирање на граничните контроли, со цел побрзо и поефикасно движење.
Останува да се очекува целосната практична имплементација на договорот, како и дополнителни чекори за подобрување на условите и работното време на преминот Требиште – Џепиште.
За Голо Брдо и Македонците во овој регион, секое олеснување на комуникацијата со матичната држава претставува можност за посилни врски, подобри услови за живот и поголема перспектива за развој на овој пограничен регион.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden