Њујорк 8 мртви во несреќата со камион

Во несреќата со камион во Њујорк во која возачот на камионот возилото го насочи кон велосипедската стаза загинаа 8, а 15 лица беа повредени.Според информацијата на американската радиодифузна куќа СиЕнЕн, во инцидентот кој се случи во непосредна близина на Светскиот трговски центар, возачот на камионот веднаш по несреќата со оружје почнал да пука наоколу.

Претставници на Федералното истражно биро (ФИБ) и градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио инцидентот го оценија за терористички напад. Градоначалникот Де Блазио рече дека на местото на несреќата загинале 6, додека 2 лица подлегнале на повредите додека се наоѓале во болница.

Шефот на полицијата на Њујорк Џејмс О`нил рече дека камионот кој бил изнајмен од страна на напаѓачот запрел откако удрил во едно возило кое ги пренесуваше учениците.

Возачот на камионот кој со два лажни пиштоли излегол од камионот и почнал да пука наоколу, беше застрелан во стомак од страна на полицијата и приведен.Гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо напаѓачот го оцени за „волк-самотник“ и рече дека напаѓачот извршил самостојна акција.

Од друга страна пак, американските медиуми во информациите кои ги објавија врз база на полициски извори истакнаа дека напаѓачот од узбекистанско потекло се викал Сајфуло Хабибулаевиќ Саипов и во САД допатувал во 2010 година. Во информациите се истакнува дека во камионот на местото на инцидентот се наоѓала забелешка на англиски јазик на која пишувало дека нападот бил извршен во име на терористичката организација ДЕАШ.

Истрагата на местото на настанот кое беше обиколено со полициски кордон траеше до доцните часови. Во голем број места на градот беа засилени безбедносните мерки поради одбележувањето на празникот „Ноќ на вештерките“ (Halloween) кој традиционално се слави во САД. Во писменото соопштение кое беше објавено од страна на Белата куќа беше објавена пораката на претседателот Доналд Трамп по повод нападот во која беше истакнато следното:

„Нашите молитви се заедно со жртвите на терористичкиот напад во Њујорк и нивните семејства. Администрацијата ќе обезбеди целосна поддршка на полицијата на Њујорк и Федералното истражно биро. Им благодариме на сите оние кои што првата помош на настраданите им ја пружија на местото на инцидентот“.

Трамп во пораката подвлече дека активно ќе ги следат случувањата и објави пост преку твитер во кој истакна „Не треба и нема да дозволиме ДЕАШ откако беше поразен на Блискиот Исток и другите места, да се врати во нашата земја. Доста веќе! На министерството за внатрешна безбедност му издадов инструкција уште повеќе да ја зајакне Напредна програма за безбедносна контрола“, порача Трамп во постот.

 

Advertisement