Обединета Македонска Дијаспора ги повикува Македонските граѓани на разум и одговорност

Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) ги повикува Македонските граѓани на разум и одговорност во овие крајно загрижувачки моменти. Во овие историски моменти секој задоцнет искажан став е контрапродуктивен и води кон турбулентност. За потсетување, политичката платформа на Албанците потпишана во Тирана беше објавена на 7 Јануари 2017, на Божиќ. Нетранспарентните, тајните, многупати и со посредство на странски фактори изнудени политички решенија само и наштетија на младата македонска држава. Секое решение кое не е базирано на народното јавно мислење и здрава дебата води кон нестабилност и неизвесност.

Од тие причини, ги повикуваме народните избраници во Собранието на Република Македонија, кои го рефлектираат мултикултурниот карактер на државата, согласно својата одговорност и уставни ингеренции, веднаш да ја продолжат конститутивната седница, да ги повикаат политичките партии целосно транспарентно да им ги презентираат предлог програмите за влада и низ јавна собраниска дебата да се дискутираат и одлучат ставовите и опциите за иднината на земјата.

Недоделувањето на мандат за формирање на Влада од Претседателот Иванов вчера треба да служи како потик за партиските лидери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да одговорат на моменталната состојба во која се наоѓа државата покажувајќи државотворност и патриотизам преку директни разговори во Собранието и издавање на заедничка декларација за целосно заштита на унитарноста и уставноста на Република Македонија. ОМД цврсто верува дека ова е единствен излез од кризата.

Во спротивно, конспиративноста, тајноста на преговорите и договорите на политички партии и притисоците на странски фактор во внатрешните прашања на државата можат да доведат до несогледливи последици не само по Македонија туку и по Балканот како регион воопшто.

Разумот, совесноста, одговорноста кон предизвикот и лојалноста кон државата се особено важни во овие историски моменти.