Објавен „Отпуштена од љубов“ од Каревска – романот „Во длабочината на моите рани“ доживеа продолжение

Популарниот роман „Во длабочината на моите рани“ од Благица Каревска, по интересот на читателите доживеа продолжние. Издавачката куќа „Панили“ го објави романот „Отпуштена од љубов“ во кој Каревска ја продолжува автентичната приказна на ликовите од својата дебитантска проза. Повторно, пред читателската публика има книга со храбро поигрување со жанрот, со сижето и фабулата и пред сѐ поигрување со заплетите и расплетите, што до крај го држи читателот буден и активен во читањето, поттикнувајќи го да се соживее со трогателните настани од коишто е составен мозаикот на Каревска, до степен што и самиот ја презема улогата не само на „навивач“, туку и на соживувач со настаните.

Ова е книга за сите што барем еднаш му ја ставиле довербата во џеб на некој… Оној што подоцна го испрал џебот  во жешка програма. Тука има солзи, но и шлаг. Има болка, но и зачинета одмазда. А љубовта? Па, таа е повеќе стенд-ап настап отколку романтична балетска сцена.., напоменува самата Каревска.

На задната корица, меѓу другото е напоменато: „Ова не е сказна. Ова е прирачник за преживување… кога ве отпуштиле – од љубов. Кога срцето ќе биде повикано на разговор и му се врачи отказно писмо – тоа е моето. Кога срцето ќе добие отказ, не добива ни предупредување – само пакетчиња со сеќавања и неиспратени пораки. Ако бараш совршена љубов со принцот – во оваа книга тој доаѓа на магаре. А можеш слободно да се вратиш на полицата со сказни и таму да го побараш белиот коњ. Јас сум Карла Рохтенвир. Да, таа Карла. Доволно драматична за да ме запомниш, дури и ако си се обидел да ме избришеш од меморијата. Ако мислевте дека вашиот живот е хаос – почекајте да видите: oвде љубовта не се шепоти – се дере, се соблекува до коска, па потоа прави секс на подот од расипани ветувања. А кога ќе заврши? Не бакнува – туку те пушта да одиш гола… ама не по тело, туку по душа.“

Претходно, дебитантскиот роман на Каревска, само неколку месеци по првообјавата, доживеа и српско издание, а не само кај нас, туку и воопшто во меѓународни рамки, вистинска реткост е толку брзо по објавувањето на дебитантско прозно роман да се случи интерес и за негов превод.  Романот „Отпуштена од љубов“ не само што ја продолжува приказната од „Во длабочината на моите рани“ и тоа со сиже и фабула што се целосно изненадување за читателите, и не само што ги задржува претходните квалитети на стилот на Каревска, туку и ги надминува, како што ги надминува и очекувањата на читателот. Романот, веќе е достапен во книжарниците.