Дебрчани се особено горди на минатото, на вечните слободарски идеали, дотолку повеќе што Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него.

Ја славиме годишнината од Издавањето на Манифестот до македонскиот народ, од страна на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првиот официјален печатен документ на македонски јазик. Овој документ, ги навести следните историски одлуки од заседанието на АСНОМ во св.Прохор Пчински. Од оваа зграда, тргнаа делегатите, тука беа избрани народните претставници – како Асномци така и Авнојци. Со оваа зграда и ова село, поврзани се најзначајните атрибути на македонската државност, изјави генерал Филип Котели, претседател на републичката асоцијација – Сојузот на ветераните од безбедноста и одбраната.

Тој упати порака до македонската јавност, посебно до младите, да ја почитуваат историјата, да се напојуваат од историските вистини и херојството на борците од антифашистичката војна што е особено значајно сега, како што рече, во време кога има обиди за прекројување историски факти на штета на македонската нација и опстојност.