Одржана традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Белград ,,Допир на Македонија” 10 пат 

10 тата јубилејна манифестација Денови на македонската култура во Белград „Допир на Македонија“ во организација на здружението „Македониум“ отворена е на 22 мај во Народниот театар во Белград со театарската претстава ,,Ветер во тапетите“ на Форумот на младите Македонци во Србија. Манифестацијата ја отворија в.д. амбасадорот на Република Македонија во Белград Александар Поповски и претседателот на Македонскиот национален совет Борче Величковски, додека најава и рецензија за претставата даде Предраг Милојевиќ, актер и продуцент.

Посебно сме горди што оваа јубилејна манифестација ја отвораме со една нова културна содржина во македонската заедница во Србија која што сами ја продуциравме, но и поради тоа што еве и во вакви услови со сеуште актуелните епидемиолошки мерки, успеавме да ја организираме манифестацијата, да ги застапиме скоро сите жанрови на културата и на најдобар начин да ја промовираме и афирмираме македонската култура, традиција, јазикот и уметноста во Белград. Овој пат е изоставен музичкиот дел, за него сепак ќе почекаме уште поповолни епидемиолошки услови – истакна претседателката на здружението Македониум во Белград Зорица Митровиќ.

Публиката до последно место го исполни намалениот капацитет на салата ,,Раша Плаовиќ“ во Народниот театар и со повеќеминутен аплауз и овации ги поздрави глумците на крајот од претставата. Поради големиот интерес претставата се играше и наредната вечер на големата сцена во Академија 28 во Белград.

Презадоволни сме од посетеноста на претставата и првата и втората вечер, од реакциите на публиката и во текот а посебно после претставата кога не чекаа да ни честитаат и да ни се заблагодарат. Слушнавме навистина многу добри коментари од многу различни луѓе млади, стари, Срби, Македонци, мажи, жени, и овде но и во Јабука, Качарево и Глогоњ каде што ја игравме претставата минатата недела, така да многу ми е драго што има таков прием и оддек кај публиката – истакна Зоран Митровиќ режисер и актер во претставата.

Манифестацијата продолжи на 24 мај, денот кога се чествуваат сесловенските браќа и просветители Свети Кирил и Методиј, инаку патронен празник на здружението ,,Македониум.“ Во претпладневните часови, делегација на здружението положи свежо цвеќе на споменикот во Белград, додека во вечерните часови беше одржана свечена академија во Фондацијата Нушиќ  на која што покрај пригодната културно уметничка програма беше одржан и омаж на македонската поетеса  Душица Илин Шеќеровска. Академијата ја отвори пејачката група ,,Македониум“  со песна посветена на светите Кирил и Методиј, и химна на здружението ,,Молитва“. Пригоден збор светите браќа даде генералот и почесен член на Македониум Ангел Ончевски, додека во рамките на омажот кој што го водеше поетесата Искра Пенева, свои видувања, чувства и спомени за Душица Илин дадоа и поетесата Милица Лилиќ Јефтимијевиќ и писателите Божидар Младеновиќ и Видак Масловариќ.

Покрај тоа што беше мошне ангажирана во поврзувањето на двете култури и воспоставување на културните и издавачки врски помеѓу македонските и српските писатели, Душица Илин беше почесна претседателка и еден од оснивачите на здружението Македониум. Покрај текстот посветен на здружението Македониум, кој Душица го пишуваше во 2018 година за потребите на монографијата на здружението, претставени се и неколку творби од нејзиното богато  творештво од повеќе нејзини авторски книги меѓу кои „Фреска на срцето“ (1971), „Сизифина“ (1976), „Ветер во кафез“ (1981), „Толкување на стравот“ (1989), „Бела линија“ (2006), „Вишок земја“ (2017), како и последната книга ,,Самотија во движење“ (2019) која што нејзиниот сопруг Виктор Шеќеровски ја донираше на присутните.

На 25 мај, во Куќата на Ѓуро Јакшиќ во Скадарлија беше отворена ликовна изложба на Елизабета Георгиева Јордановска, македонска сликарка која што живее и твори во Белград.  Таа е наивен сликар кој работи традиционални мотиви, инспирирана од македонскиот фолклор во кој доминира фигуративното сликарство збогатено со декоративност и орнаментика. Изложбата ја отворија македонскиот амбасадор Александар Поповски и уметникот Синиша Новески.

Сликите на Бети остават впечаток на раскошен колорит, со разиграна композиција во која цртежот динамично го освојува просторот. Исполнети со носталгичност и мотиви кон фолклорот и традицијата оставаат впечаток на модерни ликовни решенија поради наивниот и свеж сликарски наратив со експресионистички потези. На тој начин сликата се анимира со стилизирани елегантни и лирични фигури збогатени со орнаменти и живи бои. Слики исполнети со слобода, радост, мистичност и љубов. – истакна Новески. Изложбата требаше да биде отворена до 31 мај, но поради големиот интерес и посетеност на публиката продолжена е до 2 јуни.

Иако настаните се одвиваа ден за ден, публиката не беше уморна во голем број да присуствува и на наредниот настан во Клубот на писателите на Србија на 26 мај, кога е одржана промоција на книгата ,,Тетовскиот говор“ од Дарко Гавроски. Промоцијата беше отворена со сплет на тетовски градски песни во изведба на пејачката група на здружението ,,Македониум“ а тетовчанката и потпретседатлка на здружението Македониум Елисавета Ивановиќ го претстави и најави авторот. Дарко Гавроски ги презентираше своите две досегашни книги, а особено се осврна на претставување на ,,Тетовскиот говор“ и спецификите на овој дијалект. Книгата претставува енциклопедиски речник и граматика на тетовскиот градски говор со етнолошки и историски осврти. Запишувањето на „стари лафој“ (зборови) кое започнало во 80-тите години на минатиот век во две тетратки од страна на неговиот татко Трпко во 2021 резултира со издавањето на енциклопедиски речник со речиси 9200 зборови кои се објаснети и од етимолошки, етнолошки, граматички и историски аспект.

Тетовскиот градски говор е пред изумирање. Голем дел стари тетовчани се иселени и се иселуваат од градот во други градови и земји. Типичниот говор се менува поради влијание на литературниот јазик и говорите од селата и другите градови. Во книгата ќе најдете голем број зборови кои веќе сигурно нема да ги чуете на улица. Се поретко може да се сретне низ Тетово познатите „таќе, ваќе, руќе, ноѓе“. Туку селските варијанти- „таке, ваке, руке, ноге„. Затоа мислам дека ова е и последен обид да се зачува овој говор. Јас ова го правам како долг за сите мои предци што не го изневериле Тетово, го сакам градот поради тајните на градот кои уште ги кријат во градските сокачиња зад капиџиците на старите куќи. Мое Тетоо е најубоо на свет – вели Гавроски за целта на ова дело.

Во Македонија а пред се во Тетово постои голем интерес за оваа книга, една е од најпродаваните книги од почетокот на 2021 и се подготвува нејзиното второ издание. Публиката не ја криеше  воодушевеноста од овој харизматичен ентузијаст, млад автор и вљубеник во Тетово, па така  неколку пати неговите излагања беа прекинати со аплауз.  На крајот на промоцијата, тој ја испеа и неговата авторска песна „Ја го љубим Тетоо“ на тетовски дијалект, што се смета за неформална химна на градот.

Од 27 до 29 мај во соработка со продукциската куќа Танграм од Белград, организирани се Денови на современ македонски филм во киното Арт во рамките на Етнографскиот музеј во Белград. Прикажани се вкупно дванаесет долгометражни, играни, документарни, кратки играни и анимирани филмови, на најновата македонска продукција од кои повеќе од пола имаа своја премиера во Белград.

На отворањето на деновите беше прикажан филмот ,,Господ постои – името и е Петрунија“ а честа да ги отвори деновите имаше и главната протагонистка – Петрунија, актерката Зорица Нушева. Според критиките и бројните награди кои што овој филм на Теона Стругар Митевска ги освои, тој претставува најхрабро соочување со крхките национални и верски идентитет во постјугословенските филмови, што хероината Петрунија ја чини најкомплексна протагонистка на современата европска кинематографија. Отворајќи ги деновите и најавувајќи го филмот, Нушева истакна дека филмот е комплексна уметност и бара апсолутна инволвираност на многу структури. Но, во основа, има одлично сценарио, што на крајот од проекцијата публиката со одушевување го потврди.

Теона, и Лабина (Митевска), креирале хероина, преку која зборуваат за слабостите на денешното општество, за важноста на доброто образование, за традицијата, за верата, за вербата, за основното човеково право на среќа. И публиката многу лесно се пронаоѓа во тоа што го гледа. Сето тоа им е познато, го разбираат, сочувствуваат. На многу начини, ние или сме, или сакаме да бидеме Петрунија. Големината на наградите е во потврдата, која ти дава сила да се спротивставиш на компромиси кои не се добри за тебе. Во тоа има убавина која, после сè ова, никој не може да ти ја одземе. – вели Нушева.

Вториот ден премиерно е прикажан краткоетражниот филм ,,Предавство“ на Славе Викторијоски од Кичево, во кој што е претставена една сцена од минатото на Македонија и нејзината борба за независност и слобода, а прилика да и се претстави на белгрдската публика имаше и протагонистот Влатко Толевски, македонскиот актер кој што живее и работи во Белград. По него, прикажан е и документарниот филм снимен по повод јубилејот 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина ,,Плодовите на еден даб“ во продукција на Македонскиот национален совет.

На свеченото затворање на деновите и на севкупната манифестацијата Денови на македонската култура беше прикажан филмот  „Ругање со Христос“ а гостин беше и сценаристот и режисер Јани Бојаџи, кој истовремено е и продуцент и монтажер на филмот. Овој филм, иако наградуван во странство, во Македонија предизвика бројни контраверзи, па дури и неформална забрана на прикажување.

По проекцијата и молкот пред аплаузот предизвикан од силни емоции кај присутните, Бојаџи истакна дека иако во филмот свесно отворил теми на идентитет и себедефинирање, на лични и колективни трагедии, трага по предавници и открил уверувања што се спротивни на официјалната политика на државата, сепак неговото филмско остварување носи хуманистички пораки и индивидуална потрага по сопствените корени и желбата да се биде „свој на своето“, нешто што Македонците со егејско потекло не успејаа да го остварат во изминатите 70 години. Меѓу публиката имаше и голем број на струмичани, пријатели и сограѓани на Бојаџи.

На крајот на манифестацијата, долгогодишниот организационен тим во состав Зорица Митровиќ, Елисавета Ивановиќ и Синиша Новески јавно се заблагодарија пред се до извонредно големиот број на публиката која ги проследи сите настани во рамките на манифестацијата, како и до сите учесници  без кои манифестацијата не би го достигнала нивото да се прогласи за успешна. Благодарност изразија и до покровителите Министерството за култура на Република Србија, Националниот совет на македонското национално малцинство, како и на сите членови на здружението Македониум кои редовно плаќаат членарина и на тој начин овозможуваат организација на вакви настани. Најавени се и нови настани кои што ќе бидат организирани по повод на одбележувањето на најголемиот македонски празник Илинден.

Advertisement