Официјално во Брисел стартува Европската новинска редакција

Високо професионални новинарски стандарди, навремени и точни информации, борба против лажните вести, како и поблиска меѓусебна соработка меѓу новинарите за сите прашања поврзани со ЕУ и кои се во интерес на Европа е целта на Европската новинска редакција која од јули веќе и почна со работа. Канцелариите на ЕНР се сместени во просториите на Белгиската агенција БЕЛГА во Брисел, а денеска тука и официјално беше означен почетокот на овој проект во кој се вклучени 16 европски агенции меѓу коишто и Медиумската информативна агенција (МИА).

Тој, напомена, дека целта на овој проект е да се шират европските вести на начин на којшто најдобро тоа умеат да го прават агенциите – непристрасно објективно придржувајќи се кон фактите во интерес на целокупната јавност.

Директорот на ДПА, Петер Кропш, истакна дека националните агенции што се вклучени во овој проект го прикажуваат диверзитетот на земјите во Европа како на членките, така и на оние кои се кандидати за членство и придонесуваат за унапредување на меѓусебната соработка за информирање важни прашања поврзани со ЕУ.

Тој, напомена, дека во голем број случаи националните агенции се единствените коишто имаат свој дописник, а со тоа избор на информации за она што се случува во Брисел, во европските институции.

Важно за агенциите на земјите-членки и на земјите-кандидати е да обезбедат независно новинарство за случувањата во Брисел и да се борат со лажните вести, истакна Кропш којшто напомена дека една од целите на ЕНР е да им се овозможи на помалите агенции кои немаат големи буџети да имаат еднаков пристап до европските информации, како и поголемите и подобро финансираните агенции.

Кропш појасни дека проектот се состои од различни активности меѓу коишто на сајтот на ЕНР двапати во неделата секоја од вклучените агенции објавува неколку клучни стории коишто се најважни во нивните земји, и тоа секоја од нив на сопствениот јазик. Еднаш во неделата се објавува и клучна сторија за прашање кое што е во интерес на цела Европа, а во која свој придонес со информации и податоци дава секоја од вклучените агенции.

Кропш напомена дека овој проект којшто трае две години овозможува четири видови партнерства меѓу вклучените агенции, а една од нив е солидарното партнерство во коешто е вклучена украинската агенција Укринформ.

За тие вклучувања се согласиле сите останати со цел да се даде поддршка на новинарите во земја која што во моментов се соочува со голема криза поради руската агресија.

На свеченоста на официјалното означување на отворањето на ЕНР се обрати и заменик претседателката на Европската комисија, Вера Јоурова која потенцира оти во овој момент во Европа е од особена важност да ги имаме вистинските информации за сите случувања. Ова е време кога Европа треба да зборува во ист глас треба да дефинира кое е вистинското зло, тоа е она што се случува во Украина, сега е време од кога и да е да ги имаме вистинските информации, порача Јоурова.

Таа нагласи дека ЕК и понатаму ќе продолжи да поддржува вакви проекти, бидејќи како што напомена за жал е забележано влошување на состојбата со медиумите во многу европски земји. За следната недела го најави презентирањето во Стразбур на Актот за слобода на медиумите со кој ќе се направи обид да се зајакне улогата на медиумите, а со тоа и да се зачува демократијата во земјите во Европа. Во времето на ковид-кризата сфативме една работа дека ни се потребни силни медиуми за да ја зачуваме демократијата. Не можеме да имаме квалитетни медиуми кои не сме во состојба да ги заштитиме новинарите од политички, економски, и секаков друг вид на притисок, истакна Јоурова.

Таа напомена дека сега не може да изнесе детали за Актот, но истакна дека тој ќе се заснова на принципите дека ниту еден новинар не треба да биде виновен поради својата работа, ниту пак треба да биде спречен во вршење на истата.

Јоурова истакна оти ќе се работи во насока на зајакнување на националните медиуми во земјите во Европа односно ќе се предложат мерки за зголемување на дистанцата меѓу државата и медиумите.

-На тој начин ќе имаме шанса да реагираме, доколку на пример некоја држава сака да му ја одземе дозволата за работа на одреден медиум, но да оставиме да покаже времето, ќе ја видиме реакцијата на владите на овој акт, порача Јоурова.

Целта на актот, меѓу другото како што кажа потпретседателката на ЕК, е да се либерализира начинот на финансирање на националните медиуми, како и да се зголеми транспарентноста при изборот на нивните раководства.

Носители на проектот за заедничката ЕНР се германската ДПА и француската АФП, а учествуваат агенции приватни и државни, од  Македонија односно МИА, Романија, Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Шпанија, БиХ, Хрватска, Словенија, Србија, Словачка и Украина.

Проектот е поддржан со грант од ЕК во вредност од 1,76 милиони евра. Вестите се објавуваат на мајчиниот јазик на секој од агенциите. Секој понеделник и секој четврток еднаш неделно редакцијата бира една прекугранична европска тема во која учествуваат агенциите со свој национален придонес и агол, и оваа сторија се објавува на англиски јазик.

Advertisement