Оливер Аврамоски е назначен за директор на IUCN ECARO

Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) го назначи Оливер Аврамоски за нов Регионален директор. Аврамоски, како што соопштуваат оттаму, стапува на оваа позиција во клучен момент кој се совпаѓа со 20-годишнината од основањето на канцеларијата на IUCN ECARO во Белград, Србија.

Од оваа Регионална канцеларија истакнуваа дека со повеќе од три децении динамично и стратешко искуство во областа на заштитата, Аврамоски носи докажано богато искуство и силна посветеност кон одржливиот развој. Неговото академско образование вклучува науки за животната средина и управување, заштита, биологија и екологија, како и политички науки. Експертизата на Аврамоски, потенцираат, придонесе кон реализацијата на позитивни промени во различни сектори.

-Оливер на оваа позиција носи богато искуство и длабока посветеност кон заштитата на природата. Срдечно го поздравувам неговото назначување и убеден сум дека под негово водство, IUCN ќе продолжи да поттикнува позитивни промени за природата и луѓето во Источна Европа и Централна Азија. Со задоволство ги очекувам идните постигнувања во регионот со заедничка соработка меѓу нашите Членови и партнерите, вели д-р Гретел Агилар, Генерален директор на IUCN.

Во Денешното соопштение од Регионалната канцеларија се вели дека Аврамоски се враќа во IUCN ECARO по неговата позиција како Програмски координатор за заштитени подрачја од 2015 до 2018 година. Го наследува Борис Ерг, кој, по осум години работење, ја презема новата позиција на Директор на Европската регионална канцеларија на IUCN.

Ми претставува голема чест да го предводам IUCN ECARO во новото поглавје и да ја преземам лидерската позиција во време кога канцеларијата одбележува 20 години работа насочена кон обезбедување одржлива иднина во регионот. Со задоволство очекувам да ја употребам нашата заедничка експертиза за постигнување значајни иницијативи за заштита, промовирање партнерства и справување со најважните предизвици во животната средина во Источна Европа и Централна Азија , истакнува Аврамоски.

Неговата кариера вклучува позиција на Виш координатор за грантови за Фондот за природа „Преспа-Охрид“ (PONT), каде покажал исклучителни вештини за лидерство и координација, придонесувајќи кон напорите за заштита во Албанија и Македонија. Пред неговото последно назначување, Аврамоски беше раководител на Секторот за заштита на природата во Националниот парк Галичица и ги предводеше иницијативите за мониторинг на биолошката разновидност и ренџерската служба за заштита на екосистемите.

Неговата кариерна патека вклучува и клучни улоги во широк опсег проекти за заштита, при што се прикажува неговата непоколеблива посветеност кон заштитата на животната средина и одржливите практики. Аврамоски има докторска и магистерска титула во областа на науки и политики за животната средина од Централниот европски универзитет. Исто така има магистерска титула за биологија и завршено високо образование за биоинженеринг од Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје,Македонија, се вели во соопптението од Регионалната канцеларија на IUCN ECARO.

Оливер Аврамоски, додаваат оттаму, е назначен за директор на IUCN ECARO во време кога канцеларијата ја одбележува својата 20-годишнина.

Advertisement