ОН прогласија алармантни податоци за глад во Газа

Глад, неухранетост и смрт владеат со Газа. Обединетите Нации ги потврдија суровите услови на кои се изложени жителите на појасот. Истражувањетио на организацијата покажува дека по речиси две години војна во која Израел го блокира влезот на хуманитарна помош, половина милион луѓе се соочуваат со глад, акутна неухранетост и смрт.

Само во првата половина од август, регистрирани се 133 смртни случаи, вклучувајќи 25 деца, поради неухранетост или глад.

Том Флечер – заменик-генерален секретар за хуманитарни прашања и координатор за итна помош 

– Гладот во Газа е глад на светот. Тоа е глад што прашува: но што направивте? Глад што ќе нe прогонува и мора да не прогонува сите нас. Тоа е предвидлив и глад може да се спречи. Глад предизвикан од суровост, оправдан со одмазда, овозможен од рамнодушност и одржуван со соучество.

Според меѓународните организации, Израел води кампања за изгладнување на жителите на Газа. Од Амнести Интернешнл, предупредуваат дека плановите и политиките кои Израел ги спроведува во појасот, имаат за цел да да доведат до целосно уништување на Палестинците.

Мадлала Давас

„Неухранетоста на Мариам е предизвикана од гладот кој владее тука, недостатокот на храна, овошје и зеленчук, храна која му треба на секое дете за да живее нормален живот. Резулатот од тоа јасно може да се види. Едвај може да се движи.“

Израелската влада негира дека во појасот има глад и обвинува дека организациите работат во корист на Хамас. Во меѓувреме, земјата не  отстапува од планот за заземање на Газа и елиминирање на палестинската организација. Ако не го прифатат ултимаумот, Газа ќе стане Рафа и Бејт Ханун, два града кои се претворени во урнатини, се заканија од израелската влада. Во тек е и мобилизација на нови 60 илјади војници кои првенствено треба да бидат поддршка.

Израел Кац – министер за одбрана на Израел

„Портите на пеколот наскоро ќе се отворат за убијците и силувачите од Хамас во Газа, се додека не се согласат со условите на Израел за завршување на војната, првенствено ослободување на сите заложници и нивно разоружување.“

Голем број држави веќе го осудија планот на Израел ..Во заедничка изјава, шефовите на дипломатиите на преку 20 држави и преставници на меѓународни организации, предупредија дека планот на Израел неприфатлив и претставува кршење на меѓународното право..

„Мерките што ги презема израелската Влада ја доведуваат во прашање нашата заедничка желба да осигураме безбедност и просперитет на Блискиот Исток “

Според истражувањето на Британски Гардијан, стапката на смртност кај цивилите во Газа е околу 83 проценти. Информациите до кои дошле покажуваат дека пет од шесте Палестинци убиени од израелските сили во војната, биле цивили.

Салва Абу Сахлол – жител на Газа

„Мајка, нејзината ќерка и три месечно бебе. Какво злосторство направиле тие ?  Дали носеа оружје? Ние не сме криминалци, ние сакаме да живееме. Најдете решение. Или ќе живееме достоинствен живот или фрлете нуклеарна бомба врз нас.“

И утрово продолжија нападите врз појасот. Најмалку 30 лица се убиени меѓу најголем дел во градот Газа, каде што бомбардирањето беше најинтензивно. Од вчера, Израелските одбранбени сили почнаа да издаваат предупредувања до медицинските власти и меѓународните организации во северниот дел на појасот да ги евакуираат цивилите од градот.