Системот Отворен Балкан – електронска наплата на патарини (Open Balkan ETC) ќе почне да се применува од крајот на септември. Тоа значи дека еден граѓанин на Македонија, Србија или Албанија, кој користи ТАГ за да плаќа патарини во својата земја, истиот ќе може да го користи за плаќање и во другите две држави кои се дел од иницијативата.
Најавата за користењето на само еден ТАГ стигна по средбата на српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Томислав Момировиќ со македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски во Белград каде се одржува Самит за Отворен Балкан и саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.
Користењето на единствен ТАГ уред за плаќање патарини во Србија, Македонија и Албанија беше најавувано и претходно, но без прецизни датуми кога ќе почне да функционира.
Од „Патишта Србија“ во изјава за „Евроњуз“ во јуни годинава најавија и привилегии за граѓаните кои наместо со кеш или платежна картичка, ќе плаќаат патарини со ТАГ уредот. Како што посочија тогаш, планирано е граѓаните на Србија кои ќе плаќаат на овој начин, во Македонија и Албанија да имаат попуст од 5 отсто и тоа да важи реципрочно – граѓаните на Македонија да имаат попуст во Србија и Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
