Отворен македонскиот културен клуб во Благоевград

Отворен е македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, oтворањето на клубот, според основачите, е со цел да ги зближи двата народа и да ги надмине разликите. Ова е клуб којшто ќе помогне во Бугарија да ја препознаат македонската култура, а со неа и македонскиот народ. Културниот момент е тој којшто навистина може да ги зближи народите и да ги надмине разликите, беше речено на отворањето на клубот.

Свеченото отварање на клубот почна со поздрав кон присутните и осветување на просториите според христијанските обичаи. Македонците од Бугарија се заблагодарија на, како што рекоа, „браќата од Канада“ кои им дале поддршка за отворање на клубот. Велат дека овој клуб е во интерес на македонската идеја.

Да развиваме достојни идеи и цели во овој клуб, рекоа претставниците на Македонците од Бугарија и основачите на клубот.

Тие читаа поезија од поетот Никола Вапцаров, во која тој ја споменува Македонија. Го нарекоа дека е „човек-симбол на Македонците во Бугарија“.

Сакаме да бидеме Македонци, без страв. Да си Македонец не е антибугарско дело. Ние подаваме рака за пријателство, беше кажано при отворањето на клубот во кој ќе има и македонски книги.

Атанас Мазнов од Македонскиот културен клуб во изјава за медиумите рече дека клубот го отвараат заради зближување на двата народа. Мазнов се надева дека како што Бугарите ќе влезат во Уставот на Македонија, така и македонското малцинство во Бугарија да ги добие своите права.

-Јас сум еден од организаторите, а претседатели сме сите ние кои дојдовме тука. Вие се наоѓате во нашиот клуб на неповторливиот и бесмртен поет Никола Вапцаров. Нашиот клуб е ранет. Една буква поправивме, но гледате дека сега фали друга буква. Сакам да изразам благодарност кон нашите браќа од Канада и Меѓународната организација за заштита на правата, изјави Мазнов.

Тој изрази благодарност и до сите Македонци од Пиринска Македонија кои помогнале за настанот. Мазнов му се заблагодари на Раде Силјан кој изјавил дека ќе подари 300 тома литература за клубот.

Тука имаме Македонци од четири држави и имаме поздрави од Европа и Америка. Ова е сеопшт македонски собир и како таков сакаме да изградиме мост меѓу двата народи, меѓу двете држави. Тоа во аманет ни го остави Гоце Делчев, рече Мазнов на бугарски јазик.

Буквата „М“ која деновиве недостасуваше во натписот „Македонски“ беше вратена но од утринава во натписот недостасуваше буквата „Е“ и натписот беше „Мак-донски“. На крајот од свеченоста е предвидено положување на цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата.

Отворањето инаку помина во мирна атмосфера, а слично беше и низ улиците на Благоевград, откако од двете страни имаше апели за воздржаност од провокации и инциденти. Наспроти македонскиот клуб, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика. ВМРО-Бугарско национално движење најави и протест. Во Благоевград беа поставени и транспаренти со натпис „Македонија е бугарска“

На отворањето присуствуваа генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев, како и претставници на други политички партии и здруженија на граѓани.

Христијан Мицкоски изјави дека се дојдени да ги подджат Македонците во Бугарија.

Со македонскиот Устав, правото на сите малцинства е загарантирано и македонскиот Устав е согласно буквално сите меѓународни норми и правила. Прашањето е зошто правото на Македонците во Бугарија не е признаено? Тука сме да ги поддржиме нашинците, Македонците, од оваа страна на границата. Да испратиме јасна порака дека ние сме Макеоднци којшто зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија и за тоа, во 21 век, веќе не треба никој, ниту да има дилема, ниту треба вооопшто да разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување, а нашето право да се самоопределиме како Македонци  е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти, изјави Мицкоски.

На новинарско прашање на бугарските медиуми, зошто Северна Македонија не го признава правото на бугарските Македонци, Мицкоски рече:

-Кој не го признава правото? Со македонскиот Устав, правото на сите малцинства е загарантирано и македонскиот Устав е согласно буквално сите меѓународни норми и правила. Прашањето е зошто правото на Македонците во Бугарија не е признаено?

Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не е причината која подгрева тензии меѓу двата народи, туку дека обединуваат.

Ние како Македонци сме горди што сме денеска тука и можеме да го поздравиме отворањето на македонскиот клуб,  кажа Мицкоски.

Димитар Апасиев, пак, рече дека Левица дава целосна поддршка на ваквите клубови.

Очекувам подобрување на односите затоа што во европска држава очекуваме да се почитуваат правилата. Ова е прв македонски клуб што се отвора, иако е формално, правно и легално, знаете дека бугарската држава не дозволува. За разлика од фашистичките клубови што се отвораат во нашата држава, ова е име на анти-фашист и на комунист и од тој идеолошки аспект даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Нема тензии, не правиме тензии. Очекувано беше да дојдат премиерот и претседателот бидејќи ова е историски настан, но тие не се одважија, рече Апасиев.

Advertisement