Со концерт на Македонската филхармонија на која како солист настапува Симон Трпчески под диригентство на Владимир Ашкенази од Русија вечерва и официјално е отворен новиот објект на Филхармонијата. Свечено објектот со сечење лента го отвори министерската за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на Владата Емил Димитриев.
Македонската филхармонија, која е најстара институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, новиот објект го добива по 73 години од постоењето. Новата концертна сала за Македонската филхармонија е нашата нова референца на европската културна мапа. Од денеска, во Скопје и Македонија, музиката ќе се создава и ќе се восприема во истиот амбиент како и во концертните сали ширум Европа и светот, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на новиот објект.
Според неа целокупниот објект, современ по својот архитектонски изглед, со монументален волумен, со сферични форми ќе биде средиштето во кое сите сегашни и идни уметници ќе ги докажуваат своите потенцијали и моќта на музиката да освојува и да облагородува.
Ова е објектот каде ќе се чува и негува музичкиот идентитет на нацијата и на државата. Со изградбата на новата концертна сала интензивно ќе се продлабочат нашите врски со светските метрополи, со светските оркестри и уметниците со кои верувам, дека во иднина ќе се остварат многу соработки и гостувања, истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека вечерашниот концерт на оркестарот на Македонската филхармонија, маестро Ашкенази и нашиот Симон Трпчески е само почеток на низата ексклузивни настани кои трајно ќе се вградат во блескавата историја на Македонската филхармонија.
Во изминатата деценија, работевме многу, создадовме многу…и успеавме во нашите заложби бидејќи се водевме од искрената намера да создадеме трајни вредности, вредности кои ќе го штитат нашиот идентитет, идентитетот на државата. Во изградбата на овој комплексен објект во изминатите осум години е вложена голема посветеност, големо знаење на многу луѓе, голема поддршка на граѓаните, големо разбирање на политичките структури и најважното, голема љубов од сите нас, заедно, рече министерката за култура.
Таа истакна дека во изминатите седум децении Македонската филхармонија даде исклучителен придонес во афирмацијата на моќниот македонски креативен потенцијал како и на современото македонско музичко творештво во меѓународен контекст.
Новата концертна сала на Македонската филхармонија, како што посочи ќе биде музеј на мигот, таа ќе биде голема историска придобивка за секој од нас. Во неа, рече, ќе се среќаваат минатото, преку генијот на композиторите – класици и сегашноста, преку виртуозноста на музичарите. За иднината ќе бидат задолжени сите оние кои ќе ги посетуваат концертите на Македонската филхармонија…
Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.
Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа..
Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Во целиот процес на градбата на објектот се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.
Набавена е и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за нив.