Формирано Канадско-Македонска парламентарна група за пријателство во Канада

Со инициатива на Амбасадата на Република Македонија во Канада и Македонскиот Амбасадор во Канада, Тони Димовски на 26 ти Октомври, 2017 година во Отава, Канада се формира Канадско-Македонска Парламентарна Група за пријателство.

На одржаната инаугуративна седница земаа учество повеќе претставници на Парламентот на Канада, а исто така почесни гости беа повеќе значајни и видни личности од Канада со македонско потекло. Претседателот на СМК Канада Боне Темелков и заменик претседателот Јован Трајчески од Светскиот Македонски Конгрес беа дел од почесните гости на овој значајен собир за Македонија и Канада.

Свечениот чин на озваничување и инаугурацијата на Канадското-Македонска пријателска парламентарна група, се одржа во просториите на Парламентот на Канада. На оваа седница, за Претседател на Парламентарната група за пријателство, беше едногласно избран претставникот на Владеачката Либерална партија, пратеникот Брајан Меј.

Инаугуративната седница беше проследена со голем интерес од страна на сите присутни, а од присутните пратеници вкупно 14 пратеници заедно, од владеачката и од опозициската парламентарна група, активно се вклучија во формирањето на истата. Овој чин е од големо значење за Република Македонија и ќе претставува еден од мостовите на соработка помеѓу Канада и Македонија. Тој ќе овозможи понатамошно унапредување и соработка на повеќе нивоа и области.