Пентагон официјално објави три снимки од НЛО (ВИДЕО)

Пентагон официјално објави три кратки видеа на кои се прикажани неидентификувани летачки објекти, претходно објавени од приватна компанија, јавува Си-ен-ен. Пентагон рече дека снимките се објавени за да се решат недоумиците во јавноста за тоа дали видеата објавувани од медиумите и од некои организации во минатото биле автентични.

„По темелна истрага, Министерството за одбрана утврди дека објавувањето на овие снимки не открива никакви деликатни способности и системи, ниту може да влијае на идните воени истраги за неидентификувани воздушни феномени“, се вели во соопштението. Трите видеа покажуваат што виделе пилотите за време на тренинг-летови во 2004 и 2015 година. Две снимки објави Њујорк тајмс во 2017 година, додека третата беше објавена преку приватната медиумска и научна организација „До Ѕвездената академија за уметности и науки“.

Признанието на Пентагон им дава дополнителен легитимитет на снимките и сосема сигурно во блиска иднина ќе ги засили шпекулациите за тоа дали човештвото дошло во контакт со вонземјани, пишува Гардијан. Во последниве години американските власти се интересираа за средби со НЛО, особено од 2007 до 2012 година, кога Пентагон ја покрена својата Програма за идентификација на напредни воздушни закани, кои ги предводеше демократскиот сенатор Хари Рид.

Рид, по синоќешното соопштение на Пентагон, рече дека трите снимки се само мал дел од она што постои „Соединетите Држави треба сериозно и научно да го проучат ова прашање и да ги разгледаат сите потенцијални закани за националната безбедност“, рече Рид.