Писмо од претседателот на Република Македонија, Иванов до лидерите на процесот „Брдо Бриони“

Почитувани лидери на процесот „Брдо Бриони”,
Драги пријатели,

Како претседател на Република Македонија, многу ви благодарам за поканата за учество на Состанокот на лидери на процесот „Брдо Бриони” во Тирана. Поради исклучително краткиот период пред крајот на мојот претседателски мандат и инаугурацијата на новиот претседател на Република Македонија, за жал не можам да учествувам на овој многу важен собир.

Со големо задоволство се сеќавам на минатогодишниот состанок на процесот „Брдо Бриони” во Скопје и уште еднаш срдечно ви благодарам за вашето активно учество и за досегашната плодна соработка. Не се сомневам дека и овогодишниот состанок во Тирана ќе биде уште еден конкретен чекор на нашиот заеднички европски пат. Уверен сум дека мојот пријател, претседателот на Република Албанија, господинот Илир Мета ќе се покаже како беспрекорен домаќин.

Процесот „Брдо Бриони” уште еднаш ја потврди важноста од регионалната соработка. Успехот на овој процес се заснова врз искрен и отворен дијалог, конкретни и реални проекти и непоколеблива верба на нашите држави во европската идеја. Дури и во моменти кога нашите држави и нашиот регион се соочуваа со сериозни предизвици што можеа да ја нарушат стабилноста на регионот, ние, лидерите на процесот „Брдо Бриони” успеавме да продолжиме со непрекината соработка со што превениравме можни нови недоразбирања. Со тоа покажавме дека имаме капацитет за синергија.
Во изминатите десет години како претседател и седум години како активен учесник во процесот „Брдо Бриони” честопати размислував за иднината на нашата регионална соработка и дојдов до два заклучока што би сакал накратко да ги споделам.

Прво, стабилноста и просперитетот на нашиот регион зависат од стабилноста на секоја од нашите држави. Секој синџир е онолку црвст колку што е цврста најслабата алка. Не смееме да дозволиме ниту една од нашите држави да стане слаба алка во синџирот на стабилноста и безбедноста на Југоисточна Европа.

Второ, искуството на бројните регионални иницијативи и процеси ни покажува дека еден процес е онолку успешен колку што може да се трансформира и да се усогласи со новите потреби и реалности. Оттука, мојата визија за Брдо Бриони е дека овој процес ќе доживее автентична трансформација. Не верувам дека процесот ќе замре или згасне по интеграцијата на сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија. Напротив, верувам дека со заеднички напори и политичка волја можеме да придонесеме процесот да доживее метаморфоза и да прерасне во систем на регионална соработка преку кој нашите држави ќе можат да ги застапуваат нашите регионални интереси во рамките на Европската Унија.

Како Претседател на Република Македонија благодарен сум за визионерството и иницијативата на претседателот на Република Словенија, Неговата Екселенција, г. Борут Пахор и претседателот на Република Хрватска, Нејзината Екселенција, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ. Им благодарам што како земји членки на Европската Унија тие континуирано го поддржуваат процесот на интеграција на Западниот Балкан. Верувам дека оваа поддршка ќе продолжи и во претстојниот период. Ова е вистински пример за помош и солидарност што земји членки им ги даваат на земјите кандидати и аспиранти за членство во Европската Унија.

Истовремено не може, а да не се спомне придонесот на специјалните гости кои учествуваа во нашиот процес. Франсоа Оланд, Ангела Меркел, Хајнц Фишер, Џозеф Бајден, Серџо Матарела, Франк Валтер Штајнмаер, Бојко Борисов и Доналд Туск имаа голем удел во нашиот заеднички успех. Верувам дека процесот „Брдо Бриони” им помогна не само подобро да го разберат нашиот регион, туку и појасно да ги согледаат сите напори што нашите земји ги прават на полето на европските интеграции. Преку процесот покажавме дека ние го направивме она што многумина го сметаа за невозможна мисија за нашиот регион ‒ на регионалната политичка сцена покажавме одговорност, отвореност и храброст искрено да зборуваме за најтешките прашања и заедно да бараме одржливи решенија.

Оваа иницијатива не само што нè приближи кон Европската Унија, туку покажа дека кога сме сплотени можеме да успееме повеќе на полето на инфраструктурното, безбедносното и економското поврзување.

На крајот, сакам уште еднаш да посакам успешен настан и се надевам дека како што со отворени раце ме прифативте во овој процес, така ќе го прифатите и мојот наследник со кого ќе ја продолжите идната соработка. – стои во писмот испратено од д-р Ѓорге Иванов претседател на Република Македонија до лидери на процесот „Брдо Бриони”.

Advertisement