По две децении Литургија во единствениот храм посветен на Свети Ахилиј Лариски во с. Требиште

Во долнореканското село Требиште, општина Маврово и Ростуше, по речиси две децении отслужена беше Света Литургија во црквата посветена на Ахилиј Лариски Чудотворец. По благослов на нашиот старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот г. Партениј, а на молба од црковниот одбор при село Требиште, во споменот на нашиот Отец меѓу Светиите Ахилиј Лариски Чудотворец, беше отслужена Света Литургија во Бигорскиот метох – храмот во село Требиште што го носи неговото славно име.

Беше голема духовна радост за сите присутни православни по потекло од ова село што по подолго време, оваа година и литургиски се прослави храмовата слава на заштитникот на селото, Св. Ахилиј Лариски, информираа од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека овој прекрасен храм од 19 век, споменик на мијачкото градителство, уметност и вера, е единствениот во нашата земја посветен на Ларискиот Чудотворец, учесник на Првиот вселенски собор, чиишто мошти цар Самуил ги пренесол од Лариса во Преспа.

За жал, и покрај бројните сугерирања и молби од страна на нашиот владика г. Партениј и братството за соодветна превенција и реставрација на овој уникатен споменик на нашата култура, надлежните институции за заштита на културно-историските споменици досега немаат преземено никаква соодветна дејност, иако состојбата на храмот е навистина во многу лоша сосотојба.

Кровот, специфично покриен со камени плочи, прокиснува и во црквата има голема влага што неповратно го уништува ѕидниот живопис, насликан од нашиот најпознат преродбенски зограф Дичо Крстев од с. Тресонче, посочуваат под манастирот.

Уште пред седум години од Националниот конзерваторски центар, велат им било ветено дека ќе се изработи проект за санација и конзервација, но сето тоа останало само на ветување. Се надеваме дека одговорните за тоа во најскоро време ќе ги преземат потребните мерки, да спречи неговото неповратно распаѓање пред нашите очи, веруваат од Бигорскиот манастир.

Advertisement