„По трагите на Светите Кирил и Методиј“ (ВИДЕО)

По повод претстојниот спомен на нашите Првоучители и Родоначалници, сесловенските Просветители, Светите солунски Браќа Кирил и Методиј, вчера во Скопје, во Културно-информативниот центар се одржа пригоден културно-научен настан со отворање на изложба и промоција на книга, насловен како „По трагите на Светите Кирил и Методиј“. Настанот беше организиран помогнат од македонската и словачката влада, претставена кај нас од Амбасадорот на Република Словачка, Н. Е. г. Хенрик Маркуш. На манифестацијата присуствуваше црковниот и државниот врв во земјава: Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Премиерот г. Зоран Заев, заменик претседателот на Владата г. Никола Димитров, министерката за култура г. Ирена Стефоска, пратеници од Собранието, претседателот на МАНУ г. Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ г. Никола Јанкуловски, деканот на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ г. Ѓоко Ѓорѓевски, надбискупот на Католичката црква во Скопје Н.В.П. монс. Киро Стојанов, како и други гости од Македонија, Словачка и Чешка.

Светите Браќа Кирил и Методиј, фреска во Бигорскиот Манастир, 19 век

Како покровител на манифестацијата, Премиерот г. Зоран Заев во својот говор, меѓу другото, истакна дека „сите мисии на Светите браќа Кирил и Методиј биле мисии на обединување. Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1150 години, покрај христијанизацијата на словенските народи, имала и извонредно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење. Во пресрет на 24 мај, денот посветен на светите браќа како сесловенските просветители, нивната мисија повторно ја покажува далекусежната визија затоа што сѐ уште ги собира и обединува словенските и другите народи на Европа“.

Во продолжение беше отворена изложбата со фотографии „По трагите на Свети Кирил и Методиј“, иницирана од словачката амбасада, а чиј прокуратор беше доц. д-р Кристина Н. Николовска, доцент на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност и специјалист за црковнословенски ракописи и старопечатени книги од раномодерниот период.

Изложбата, освен богатата фотографска биографија на Св. Кирил и Методиј изработена од Павол Демеш, содржи и шестнаесет паноа на кои се прикажува дел од заплетканата и возбудлива историја на кирилските ракописи и старопечатени книги коишто денес се чуваат во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. „Оваа изложба, има за цел да прикаже и една помалку истражена и дискутирана перспектива од која би можеле да ги погледнеме зачуваните ракописи и старопечатени книги. Благодарение на оставените белешки по белините во кои некогаш се наведува каде и од кого ракописот бил создаден, од кого бил откупен, кому му припаѓал или кој и каде го прочитал, откриваме дека книгите, слично како сесловенските просветители, патувале од едно место на друго, и дека и тие поминувале низ разни премрежија и оставале траги во средините каде биле користени“ – истакна во својот говор г. Николовска. На свеченоста говореше и Архиепископот Кирил Васил, администратор на епархијата во Кошице, Република Словачка, а ректорот г. Јанкуловски го промовираше словачко-македонското библиофилско издание на „Прогласот“ на Свети Константин – Кирил Философ, приредено од г. Стојан Лекоски.

Мелодија за „Прогласот“ запишана на невми според византискиот осмогласен систем од јероѓакон Анатолиј Бигорски

На покана на главните организатори, словачкиот амбасадор г. Хенрик Маркуш и г. Стојан Лекоски, а со благослов на нашиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство г. Партениј, на вчерашниот настан посебен украс му даде настапот на хорот на Бигорскиот Манастир, кој изведе неколку црковни песнопенија: тропарот на Христовото Воскресение, тропарот на Свети Кирил Философ, тропарот на Светите Кирил и Методиј, стихира посветена на Светите Браќа, „Всјакое дихание да хвалит Господа“. Посебно изненадување за сите беше рецитативно-хорската изведба на „Прогласот“ на Свети Кирил на староцрковнословенски јазик, бидејќи за прв пат во историјата за него е искомпонирана мелодија запишана на невми според византискиот осмогласен систем, за што најмногу се погрижи нашиот собрат и хорарх, јероѓаконот Анатолиј. Свеченоста ја затвори Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан, со архипастирско слово за подвигот и значењето на Светите солунска Браќа Кирил и Методиј.

Advertisement